Тој оцени дека заканувачките изјави на американскиот претседател Доналд Трамп се смешни
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, во телевизиско обраќање до нацијата рече дека неговата земја нема да го прифати повикот на американскиот претседател Доналд Трамп за безусловна капитулација.

Тој истакна дека секоја американска воена интервенција несомнено ќе предизвика непоправлива штета.
„Иранската нација цврсто стои против наметнатата војна, исто како што цврсто ќе стои против наметнатиот мир. Иран нема да се предаде на никого, ниту ќе прифати какво било наметнување“,
порача Хамнеи.
Тој оцени дека заканувачките изјави на американскиот претседател Доналд Трамп се смешни.
„Интелигентните луѓе кои ги познаваат Иран, иранската нација и нејзината историја никогаш нема да говорат со заканувачки јазик кон оваа нација бидејќи иранската нација нема да се предаде, а Американците треба да знаат дека секоја американска воена интервенција несомнено ќе биде придружена со непоправлива штета“,
рече иранскиот врховен водач.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера издаде серија јавни предупредувања до Иран, нарекувајќи го врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи лесна цел и нагласувајќи дека американското трпение е при крај.
Тој на сопствената мрежа Трут соушл (Truth social) објави дека знае каде се крие иранскиот врховен лидер, но оти засега не е планиран напад врз него.
Кратко потоа, тој објави само една реченица, напишана со големи букви: „БЕЗУСЛОВНО ПРЕДАВАЊЕ“.