Алиу смета дека мора да бидат претпазливи, со цел да не се инвестира во нешто што можеби во иднина нема да биде во функција на Клиничкиот центар
Паркингот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје е еден од првите проблеми за кои новиот министер за здравство Азир Алиу ќе бара решение уште на почетокот на неговото стапување на функцијата.

Според него, паркингот е еден од главните инфраструктурни проблеми на Клиничкиот центар во Скопје.
Посочи дека паркингот не е ниту мапиран, во однос на тоа каде може да се паркираат возилата.
„Прво ќе почнеме од базичните инфраструктурни чекори и активности за да видиме колку точно паркинг места може да имаме на паркингот. Анализата треба да покаже колку пациенти ги користат паркинг местата, колку вработени има и потоа ќе излеземе со оптимално краткорочно решение. Долгорочното решение ќе зависи од долгорочното решение за Клиничкиот центар“,
кажа Алиу на денешниот брифинг со новинарите.
Министерот смета дека мора да бидат претпазливи, со цел да не се инвестира во нешто што можеби во иднина нема да биде во функција на Клиничкиот центар.
„Краткорочно имаме идеи, но сè уште немаме решение за да ја информираме јавноста, но работиме на тоа“,
кажа тој.
Со паркингот на Клинички сега стопанисува Јавното претпријатие „Градски паркинг“.
На 11 март годинава поранешниот министер за здравство Арбен Таравари објави дека нема да биде склучен договор со „Ѓока констракшн“, фирмата од Албанија која беше единствената пријавена на огласот за изградба на катните гаражи и стопанисување на паркингот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Оваа тема во јавноста стана актуелна, откако „Призма“ објави дека катните гаражи кај Клинички центар ќе ги гради компанијата „Ѓока констракшн“ од Албанија.
На огласот, кој беше распишан на 15 ноември минатата година, се јави само фирмата „Ѓока констракшн“.
Како што објави „360 степени“, во огласот се превидува приватниот партнер да изгради две катни монтажни гаражи, да стопанисува со целиот паркинг на Клинички, а за возврат државата да добие еден отсто од вкупните остварени годишни приходи.
Владата на седница во август минатата година донесе одлука да се градат монтажни катни гаражи на Клиничкиот центар со јавно-приватно партнерство и формираше Комисија за спроведување на постапката.