„Најавуваме дека следува продолжение ‘Вистината за Кочани 2‘ со нова серија факти и аргументи, со нови информации“, рече на денешната прес-конференција пратеникот на опозицијата, Миле Талески
Речиси четири месеци премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја прикриваа вистината за трагедијата во Кочани и правеа сè за да ги заштитат полициските функционери поставени од нив, обвинија денеска од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ).

„Наместо итно да се побара одговорност, власта штитеше, молчеше и манипулираше со јавноста. Целта беше јасна, да се спречи вистината, за да се побегне од одговорноста од врвот на власта, до директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев и до министерот Панче Тошковски“,
рече на денешната прес-конференција Миле Талески, пратеник од СДСМ.
Посочи дека под силен медиумски притисок од страна на СДСМ. конечно се отворени постапки против неколку полициски началници.
„Сега е јасно како ден дека вината е во врвот на МВР, во врвот на власта и за тоа мора да има кривична, правна и политичка одговорност. Директорот на БЈБ, Јанев, треба да одговара кривично по закон и хиерархија, а министерот за внатрешни работи Панче Тошковски мора веднаш да поднесе оставка. Без нивно повлекување, секоја истрага е компромитирана, секоја правда е селективна, како и досега“,
кажа пратеникот.
Овие началници, одговорни полицајци, надлежни полициски службеници, како што кажа, работеле по наредби токму на Тошковски и Јанев.
„Затоа одговорноста мора да почне од нив. Најавуваме дека следува продолжение ‘Вистината за Кочани 2‘ со нова серија факти и аргументи, со нови информации. Во таа насока, прашуваме и дали ВМРО-ДПМНЕ ќе каже колку пари во форма на донации земале од осомничените од Пулс“,
рече Талески.
Полицијата, како што додаде, имала обврска да го затвори објектот, а не да спроведува контроли кои биле спротивни на процедурите, како и дека имала должност да спречи внесување пиротехнички средства, што е клучен причинител за пожарот.
„Главната инспекторка за економски криминал Кристина Јованова не е опфатена со истрагата. Како е тоа можно? Таа имала надлежност да постапи, а не презела ништо, иако дискотеката ‘Пулс‘ работела нелегално повеќе од една година, без лиценца, со блокирана сметка. Дури и сè уште е на функција. Затоа е заштитена од политички структури на власта и скриена зад ѕидот на молкот и неказнивоста. Штитејќи ја неа, всушност се штити и директорот на БЈБ, кој е директно одговорен за нејзиното (не)постапување“,
вели тој.
Инаку, опозицијата изминатиот период бара оставки и одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Александар Јанев во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани.
Повиците за оставки и одговорност за раководството на МВР доаѓаат откако Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја прошири истрагата со уште 13 актуелни полициски службеници и началници кои кобната вечер вршеле акциска контрола во „Пулс“.
Тие се осомничени дека во период од 14 до 16 март 2025 година сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност.