Од здружението апелираат до граѓаните, во случај да видат лисица во урбана средина да не се обидуваат да ја бркаат, фаќаат или хранат и да не оставаат храна или отворени канти за отпадоци. Доколку се со домашно милениче, да го држат на поводник и да останат смирени. Дополнително, граѓаните да пријават ако видат повредена или залутана лисица
Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ апелира граѓаните да останат смирени и да не креваат паника, откако во последните неколку дена на социјалните мрежи и во медиумите се појавија видеа и фотографии за присуство на лисици во скопско Козле, но и на други места во Скопје. 0
„Лисиците не се опасни и не напаѓаат луѓе“,
велат од „Анима мунди“.

Здружението апелира до граѓаните, во случај да видат лисица во урбана средина да не се обидуваат да ја бркаат, фаќаат или хранат и да не оставаат храна или отворени канти за отпадоци. Доколку се со домашно милениче, граѓаните да го држат на поводник и да останат смирени. Дополнително, од „Анима мунди“ препорачуваат граѓаните да пријават ако видат повредена или залутана лисица.
„Лисиците, како и многу други диви животни, сè почесто се приближуваат до урбаните средини поради загуба на природните живеалишта, уништување на шумите, градежна експанзија и недостиг на храна. Ова не е закана, туку јасен сигнал дека и тие бараат начин да опстанат. Лисиците се плашливи, интелигентни и претежно ноќни животни кои се плашат од луѓето и избегнуваат контакт. Присуството на лисици во урбана средина не значи дека се болни или агресивни. Напротив, во многу големи градови како Лондон, Берлин, Торонто, па и Љубљана, лисиците веќе се дел од урбаната дива фауна и живеат паралелно со луѓето без никакви инциденти“,
велат од „Анима мунди“.
Од здружението велат дека е потребна свесност, почит и разбирање кон овие животни кои се обидуваат да опстанат, додавајќи дека незнањето не треба да биде подлога за ирационален страв и отпор.
Во прилог на објавата на „Анима мунди“ на социјалните мрежи е споделен и коментар од Македонското Еколошко Друштво (МЕД) во врска со новонастанатата ситуација и појавата на лисици во урбаните средини.
„Лисиците се редовни жители на Водно и често се забележуваат и во градските населби како Жданец, Водно, Козле и Нерези. Забележувањето на мајка со млади е јасен показател дека се работи за здрави единки. Лисиците, како и другите животни кои се опортунисти во исхраната, лесно може да бидат привлечени во градските и селските средини од органски отпад кој не се селектира и не се собира редовно“,
се наведува во коментарот на МЕД.