Директорот на комуналното претпријатие постапил спротивно на одредбите од Законот за управување со отпад и Законот за заштита на животната средина, затоа што депонијата ја формирал на државно земјиште во населениот дел на Кичево без одлука на Советот на Општина Кичево, без градежна дозвола и без да поседува Интегрирана еколошка дозвола и Елаборат за заштита на животна средина
Директорот на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ во Кичево доби кривична пријава бидејќи во периодот од 2020 година до денеска формирал дива депонија на повеќе илјади квадратни метри во населена зона во градот, за која им давал задолженија на вработените секојдневно да складираат, оставаат или расфрлаат отпадни материи. Со тоа, како што информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР), постапувал спротивно на прописите за заштита на животната средина и природата.
Кривична пријава добиле и четворица вработени на ова претпријатие.

„Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против З.Ј (49), директор на Јавно комунално претпријатие „Комуналец“ во Кичево од селото Горно Строгомиште, Кичевско, поради постоење основи на сомнение за сторени две продолжени кривични дела – несовесно работење во службата и загрозување на животната средина и природата со отпадни материи. Поднесена е кривична пријава е и против Б.Б. (49) од селото Грешница, Кичевско, С.А. (49) од Кичево, Д.Ј. (56) од Кичево и Ф.Т. (62) од Кичево, сите вработени како возачи ЈКП ‘Комуналец’ поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело – загрозување на животната средина и природата со отпадни материи“,
се вели во полициското соопштение.
Оттаму велат дека директорот на комуналното претпријатие постапил спротивно на одредбите од Законот за управување со отпад и Законот за заштита на животната средина, затоа што депонијата ја формирал на државно земјиште во населениот дел на Кичево без одлука на Советот на Општина Кичево, без градежна дозвола и без да поседува Интегрирана еколошка дозвола и Елаборат за заштита на животна средина.
„Ваквата состојба била констатирана со Записник за извршен инспекциски надзор на Државен инспекторат за животна средина“,
информираат од МВР.
Според полицијата, на 04.06.2025 година во дивата депонија, полициски службеници ги затекнале Б.Б., С.А., Д.Ј. и Ф.Т., сите вработени како возачи ЈКП „Комуналец“, како истураат комунален отпад од специјални возила за собирање отпад.