Во западниот дел на градот, според извештаите, директно била погодена деветкатница од советската ера, чиј средиштен дел со околу 30 стана останал во урнатини
Додека очите на светот се вперени на Блискиот Исток поради конфликтот меѓу Израел и Иран, на европскиот континент продолжува да беснее војната меѓу Русија и Украина, со нови жестоки напади на Москва врз украинскиот главен град Киев.

Рано утрово руските сили извршиле еден од најсмртоносните напади врз Киев од почетокот на војната во 2022 година, во кој, како што пренесува „Гардијан“, 14 лица се убиени, а 55 се повредени.
Според британскиот весник, се очекува бројот на жртви да се зголеми бидејќи во ракетните и нападите со дронови биле погодени повеќе локации во главниот град на Украина.
Во западниот дел на градот, според извештаите, директно била погодена деветкатница од советската ера, што довело до уривање на дел од објектот.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека при ударот во блокот, чиј средиштен дел останал во урнатини, се уништени триесет стана.
„Може да има луѓе под урнатините и не можеме да исклучиме дека бројот на загинати може да се зголеми“,
рекол тој.
Засега нема информации колку луѓе имало во зградата во моментот кога била погодена од ракета.
Стотици спасувачи утрово се обидувале да ги расчистат урнатините на местото и да ги спасат луѓето заглавени во соседните станови, додека штети се пријавени и врз продавници и згради во радиус од два блока, на кои можеле да се забележат искршени прозорци.
„Балистичка ракета директно удри во деветкатница, еден дел е уништен. Уништен е дури до подрумскиот дел бидејќи беше директен удар“,
рекол министерот за внатрешни работи на Украина, Игор Клименко.
Сирените за опасност од воздушен напад ноќеска неколку часа биле активни во Киев, а илјадници жители на градот засолниште побарале во метро-станиците.
Истовремено можеле да се слушнат брановите беспилотни летала над градот и дејствувањето единиците на украинската противвоздушна одбрана во обид да ги одбијат нападите.
Како што пишува „Гардијан“, утрово по нападите во центарот на Киев сè уште можел да се почувствува мирисот на горење, додека облак темен чад висел над периферијата на градот.

Русија врши ноќни напади врз цели во Украина од почетокот на војната пред нешто повеќе од три години, но директните удари врз Киев беа ретки бидејќи главниот град е добро заштите со системот за противвоздушна одбрана.
Но, во последните неколку недели Москва истрела рекорден број ракети и беспилотни летала врз Киев, делумно и, како што се толкува, во знак на одмазда за украинската операција со дронови во која беа уништени бомбардери со долг дострел, стационирани во бази длабоко во Русија.
Инаку, утринава аеродромите во Москва накратко биле затворени по издадено предупредување за украински напад со беспилотни летала.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјавил дека две украински беспилотни летала се приближиле до градот, но биле соборени од противвоздушната одбрана.
Обидите предводени од САД за започнување мировен процес за ставање крај на војната во Украина засега не резултираат со успех, а рускиот претседател Владимир Путин ги игнорира барањата на својот американски колега Доналд Трамп за целосен прекин на огнот. Директните разговори меѓу делегациите на Русија и Украина во Истанбул донесоа малку напредок и засега нема знаци дека Москва е подготвена да се откаже од своите максималистички воени цели.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска требаше да се сретне со Трамп на маргините на Самитот на Г7 во Канада, но Белата куќа објави дека американскиот претседател предвреме ќе замине од Самитот и се враќа во Вашингтон поради, како што првично беше соопштено, тензиите на Блискиот Исток.