„Непријавените кутии цигари се пронајдени кај македонски државјанин кој со себе носел само бугарски пасош“, се вели во соопштението од Царинската управа
На меѓународниот аеродром „Скопје“, при рендген-контрола на чекиран багаж на патник, кој имал намера да отпатува со лет за Лондон, се откриени 18 штеки цигари без акцизни маркички и 20 кутии тутун од по 30 грама и 50 грама, информираат од Царинската управа.

„Непријавените кутии цигари се пронајдени кај македонски државјанин кој со себе носел само бугарски пасош. Непријавените цигари се запленети, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка“,
информираат оттаму.
Во други два случаи, царински службеници запленија 56 штеки и дополнително уште девет кутии цигари.
Еден од случаите е откриен во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР), при што се запленети 44 штеки цигари и 9 кутии цигари без акцизни маркички, пронајдени во близина на граничната линија сокриени во грмушки.
Во вториот случај запленети се 12 штеки цигари откриени во товарно моторно возило товарено со стока пријавена за увозно царинење.
Инаку, службата за мобилни скенери при контрола на товарно моторно возило управувано од македонски државјанин заплени и 5 476 парчиња игли, мастила, и други алатки за тетовирање за кои возачот не поседувал никаква документација.
Стоката е откриена во четири пакети кои се наоѓале во кабината на возилото на горниот кревет за кои возачот изјавил дека не поседува увозна документација.
Царински службеници во Царинската испостава Струмица запленија мотоцикл марка „априлија“ откако по поднесената увозна декларација со сите придружни документи било увидено дека се работи за друг мотоцикл за кој увозниот не поседувал никаков документ.
Против сторителот е покрената прекршочна постапка.