Од Зоолошката градина денес ги демантираат шпекулациите дека женката сијаманг била бремена во моментот на пцовисувањето

Мајмунка од видот сијаманг пцовиса во скопската Зоолошка градина, информираат оттаму.
Точните причини за пцовисувањето на мајмунката велат дека ќе бидат познати откако ќе бидат готови резултатите од обдукцијата од Факултетот за ветеринарна медицина.
Веста за смртта на мајмунката првично вчера ја објави советникот во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков, кој рече дека женката била бремена и дека тајно била носена во приватни ветеринарни ординации.
Од Зоолошката градина денес ги демантираат шпекулациите дека женката сијаманг била бремена во моментот на пцовисувањето.
„Животните од скопската Зоолошка добиваат ветеринарен третман веднаш штом се појави каков било прв симптом или аларм дека можеби се болни или имаат некаква повреда. Нивната благосостојба постојано будно се следи од страна на вработените во Скопје ЗОО, а благодарение на Факултетот за ветеринарна медицина имаме пристап до најсовремено лекување, дијагностицирање и третман на животни. За жал, како и кај луѓето така и кај животните, не секогаш може да се избориме со некои заболувања, иако се преземени сите можни здравствени мерки“,
се вели во соопштението од Зоолошката објавено на нивната фејсбук-страница.
Кирков вчера во објава на Фејсбук напиша дека со пцовисувањето на мајмунката продолжува, како што рече, хоророт во скопската Зоолошка градина.
„Додека директорот Попов и неговиот заменик со овластување Стаменов (истиот кој закла коњи и има кривична пријава) молчат, Данела Арсовска на мое прашање на интервју умешно ги бранеше овие двајца кој од Скопје ЗОО направија да е куќата на стравот“,
пишува Кирков.
Претходно, во април годинава, во Зоолошката градина пцовисаа две лами. Во февруари, пак, пцовисале берберски овци.
Во последните две години во Зоолошката пцовисаа два пингвина, три пржевалски коњи, слоницата Дуња, жирафата Каспер.
Од Зоолошката градина по пцовисувањето на берберските овци информираа дека во 2023 година во скопската ЗОО се родиле 40, а пцовисале 10 животни. Во 2024 година се родиле 33 животни, а пцовисале 15. Вкупниот број на родени животни за овие две години е 73, додека, пак, на пцовисани е 25.