СДСМ бара транспарентност од Владата и усогласување со Националната стратегија за развој

Пратеникот на СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, беше прашан зошто неговата партија не го поддржа договорот со Обединетото Кралство, иако претходната влада водела слични разговори со официјален Лондон. Клучната причина, според Битиќи, е нетранспарентноста на процесот.
„Ние – да, преговаравме, соодветно брифиравме, ги вклучувавме различните засегнати страни и пред да дојдеме до каков било договор, јавноста ќе беше информирана. За разлика од сега кога едно убаво утро станавме и некој ни кажа дека ќе се задолжиме шест милијарди. Тоа е разликата“,
рече Битиќи.
Тој порача дека договори со вака голема финансиска тежина не смеат да се носат без прецизни податоци и усогласување со стратешките државни документи.
„Фактот дека вие нудите нешто, одредена рамка со X непознаници на маса, не може очекувањето да е на затворена книга да дадете поддршка. Треба да ја отвориме книгата, да ги прелистаме условите, да видиме економска оправданост за проектите коишто влегле во рамката на финансирање“,
изјави Битиќи
Пратеникот од редовите на СДСМ прашува и дали приоритетите коишто сегашната власт ги има поставено се соодветни на приоритетите на Националната развојна стратегија којашто е усвоена во Собранието.
Според него, постојат ризици договорот да се претвори во нетранспарентно трошење јавни пари, како што веќе се случи, вели тој, со унгарскиот кредит.
„Не можете да дадете поддршка на нешто за кое велат ‘ќе биде јавно обзнането’. Јавно обзнанети ќе беа и условите како ќе се трошат унгарските пари за компаниите. Па, ќе се знаеше кои компании ги добиваат парите за денеска да се вадат со аргументот дека тоа било деловна тајна“,
вели пратеникот.