Лидерите на Г7 се собираат во Канада на тридневен самит кој се одржува во сенка на опасната воена ескалација меѓу Израел и Иран, која би можела да ескалира во поширок регионален конфликт
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека вчера во телефонски разговор му рекла на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека дипломатијата е најдоброто долгорочно решение за конфликтот со Иран.
Но, Фон дер Лајен не повика на итен прекин на огнот велејќи дека Иран дефинитивно не треба да има нуклеарно оружје.
„Секако, мислам дека, на долг рок, преговорите се најдоброто решение“,
додаде таа.
Таа повтори дека Израел има право да се брани, но истакна дека дипломатското решение е најдобрата долгорочна опција за решавање на иранската нуклеарна програма.
„Иран е главен извор на регионална нестабилност и ние отсекогаш сме биле многу јасни – Иран никогаш не смее да има нуклеарно оружје. Неодамнешните настани покажаа растечка поврзаност помеѓу конфликтите во Европа од една страна и Блискиот Исток од друга страна. Истиот тип ирански беспилотни летала и балистички ракети ги погодуваат градовите и во Украина и во Израел“,
рече Фон дер Лајен.
Лидерите на Г7 се собираат во Канада на тридневен самит кој се одржува во сенка на опасната воена ескалација меѓу Израел и Иран, која би можела да ескалира во поширок регионален конфликт.
Покрај тензиите на Блискиот Исток, лидерите ќе разговараат и за војната во Украина, глобалните трговски спорови, миграцијата и обезбедувањето пристап до минерали од ретки земји.
„Треба да извршиме поголем притисок врз Русија за да обезбедиме вистинско примирје, да ја донесеме Русија на преговарачка маса и да ја завршиме оваа војна, а санкциите се клучни за таа цел. Минатата недела предложивме пакет од 18 санкции. Ќе ги повикам сите партнери на Г7 да ни се придружат во овој напор“,
рече Фон дер Лајен на прес-конференција пред состанокот на Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД што започнува денеска.