„Додека тие посочуваа кабел за виновник за модуларната болница (во Тетово н.з.), тука има правда втемелена на наоди на обвинителство и полиција кои работеа, работат слободно и без притисоци. Работат без штитење на функционери како што впрочем Заев на времето го штитеше Филипче“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ на повиците на опозицијата
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) и денеска побара оставки и одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Александар Јанев во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани.

Повиците за оставки и одговорност за раководството на Министерството за внатрешни работи (МВР) доаѓаат откако Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја прошири истрагата со уште 13 актуелни полициски службеници и началници кои кобната вечер вршеле акциска контрола во „Пулс“. Тие се осомничени дека во период од 14 до 16 март 2025 година сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност.
Според опозициската партија директорот на БЈБ по закон и хиерархија треба да сноси кривична одговорност, додека кај Тошковски, велат од СДСМ, е целата политичка и морална одговорност.
„Намерата на ВМРО-ДПМНЕ беше јасна – да се амнестираат од одговорност сите, со цел таа да не стигне до директорот на БЈБ Александар Јанев и до Тошковски. Сега, откако е јасно дека директната одговорност е во МВР и кај актуелната власт, оставки и кривична одговорност за врвот на МВР мора да има. Александар Јанев, по закон и хиерархија е кривично одговорен, а Тошковски ја сноси целата политичка и морална одговорност и затоа треба да поднесе оставка. Двајцата мора итно да се повлечат, поради влијанието што го имаа врз истрагата досега и поради тоа што можат да влијаат врз процесот што следува. Го повикуваме ОЈО ГОКК и ОЈО да не калкулираат со одговорноста на Јанев и Тошковски“,
изјави денеска на прес-конференција потпретседателот на СДСМ Методија Илиевски.
На ваквите повици и обвинувања од опозицијаата одговорија од ВМРО-ДПМНЕ од каде рекоа дека за разлика од времето на претходните влади на СДСМ сега Обвинителеството и полицијата работата слободно и без притисоци.
„Додека тие посочуваа кабел за виновник за модуларната болница (во Тетово н.з.), тука има правда втемелена на наоди на обвинителство и полиција кои работеа, работат слободно и без притисоци. Работат без штитење на функционери како што впрочем Заев на времето го штитеше Филипче, Анѓушев, Артан, Бујар, Блерим, Мерко, Муса, разни внуци, пуцковци, грчевци, барони, арачиновци и други бандитски ликови од други различни партии, етнички групи кои сложно ја уништуваа државата, ги руинисаа институциите и го разочараа и ограбуваа народот“,
рече пратеникот и член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Јане Мицевски, прашан за коментар на барањата од СДСМ.