Кипарскиот претседател Никос Христодулидес, во изјавата за новинарите, не кажал од кого ги добил пораките и за што станува збор, но тие, како што се наведува, доаѓаат откако министерот за надворешни работи на Кипар вчера вечер разговарал со својот ирански колега
Иран побарал од Кипар да пренесе „некои пораки“ до Израел, изјавил денеска кипарскиот претседател Никос Христодулидес, додавајќи дека очекува во текот на денот да разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пренесе регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Христодулидес не кажал од кого ги добил пораките и за што станува збор, но тие, како што се наведува, доаѓаат откако министерот за надворешни работи на Кипар вчера вечер разговарал со својот ирански колега.
Говорејќи пред новинарите, кипарскиот претеседател изјавил и оти не задоволен од реакцијата на Европската Унија во однос на кризата на Блискиот Исток, оценувајќи ја како бавна.
Кипар, како што навел тој побарал вонреден состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија, но засега таква средба не е закажана.
„ЕУ не може да тврди дека има геополитичка улога, да ги следи сите овие настани без барем да свика состанок на Советот за надворешни работи“,
рекол Христодулидес.
Инаку, Кипар се понуди да помогне во евакуацијата на државјаните од трети земји од регионот и ги повика сите страни да се воздржат од ескалација на конфликтот.
Вчера, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи сигнализираше дека Иран е подготвен да ги запре ракетните напади врз Израел, велејќи дека тие бил извршени исклучиво во самоодбрана.
„Ако агресијата престане, и нашиот одговор ќе престане“,
рече министерот собирот на странски амбасадори во Техеран.
Аракчи, исто така, изрази жалење за откажувањето на планираните нуклеарни разговори во Оман со САД кои требаше да се одржат денеска.
„Денес требаше да го презентираме нашиот сопствен предлог за нуклеарен договор со САД, што можеше да го отвори патот за договор“,
рече тој, нагласувајќи дека Израел се противи на евентуален договор меѓу Техеран и Вашингтон.