Претходно денеска, советникот на Путин за надворешни работи Јуриј Ушаков во изјава за новинарите соопшти дека рускиот претседател имал 50-минутен телефонски разговор со својот американски колега во кој ја осудил израелската воена операција врз Иран и изразил загриженост поради ризикот од ескалација на конфликтот
Американскиот претседател Доналд Трамп преку објава на својата социјална мрежа потврди дека денеска има телефонски разговор со неговиот руски колега Владимир Путин.

Во објавата на Трут соушл (Truth Social), Трамп вели дека рускиот претседател многу љубезно му го честитал роденденот, по што разговарале за конфликтот меѓу Израел и Иран, а „многу помалку“ за војната во Украина.
За ситуацијата на Блискиот Исток, американскиот претседател напиша дека и Путин, како и тој смета дека конфликтот меѓу Израел и Иран треба да заврши, но истото треба да се случи и со војната во Украина.
„Претседателот Путин се јави утрово за да ми го честита многу љубезно роденденот, но што е уште поважно, да разговара за Иран, земја што ја познава многу добро. Разговаравме долго. Многу помалку време беше потрошено во разговор за Русија/Украина, но тоа ќе биде за следната недела. Тој ги прави планираните размени на затвореници – голем број затвореници се разменуваат, веднаш, од двете страни. Разговорот траеше приближно еден час. Тој смета, како и јас, дека оваа војна меѓу Израел и Иран треба да заврши, на што му објаснив дека и неговата војна треба да заврши“,
напиша Трамп на Трут соушл.

Претходно денеска, советникот на Путин за надворешни работи Јуриј Ушаков во изјава за новинарите соопшти дека рускиот претседател имал 50-минутен телефонски разговор со својот американски колега во кој ја осудил израелската воена операција врз Иран и изразил загриженост поради ризикот од ескалација на конфликтот.
За време на разговорот, Путин го информирал американскиот претседател за неговите неодамнешни разговори со лидерите на Иран и Израел и го повторил предлогот на Москва да посредува во преговорите за пронаоѓање на заемно прифатливо решение за иранската нуклеарно прашање.
Инаку, преговорите меѓу САД и Иран за нуклеарната програма на Техеран што утре требаше да се одржат во Оман се одложени.
Иранскиот министер за надворешни работи претходно изјави дека неговата влада не гледа смисла во продолжувањето на преговорите по големиот напад врз нуклеарните постројки на Иран од страна на Израел.