За овој случај, градоначалничката вели дека се известени сите надлежни институции, а очекува истите да не се кријат и да постапуваат
Во Општина Гази Баба е затекната фирма што копа дива депонија со градежен отпад и што прави бесправна експлоатација на земјиште, без лиценци, елаборати, дозволи и одобренија, а што истовремено претставува сериозна опасност по здравјето на граѓаните и животната средина. Ова денеска го соопшти градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на нејзиниот фејсбук-профил, објавувајќи видео од локацијата, на која тврди дека се прават нелегални активности.
„Фирмата што прави дива депонија и каде се експлоатира го има поткопано 110 kV кабловски и воздушен далновод што го напојува со електрична енергија Градот Скопје. На ова земјиште што е сопственост на државата се прави сериозна штета на главниот далновод“,
пишува таа на Фејсбук.

За овој случај, Арсовска вели дека се известени сите надлежни институции, а очекува истите да не се кријат и да постапуваат.
Апелира и до Министерството за внатрешни работи (МВР) да постапи, оти додава дека неказнивоста и непостапувањето предизвикува сторителите на овие дела да сметаат дека се недопирливи преед законот.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска изминатиот период објави видеа на неколку локации низ Општина Чаир каде што се извршуваат градежни активности, за кои обвини дека се дивоградби.
Објави и видео од локација во Општина Аееродром, од каде обвини дека приватна фирма без лиценца и одобрение за работа врши нелегален ископ на песок и бесправна експлоатација на коритото на реката Вардар.