Оттаму велат дека наместо да се отворат посебни истраги за секој аспект од случајот, како за незаконскиот увоз, за институционалниот надзор, за реакцијата на полицијата и за конкретните пропусти на диското, Обвинителството сѐ спакува во еден предмет, со што ризикува да се развлекува постапката со години, па дури и децении
Јавното обвинителство со денешната прес-конференција уште еднаш потврди дека постои сериозен обид да се минимизира и релативизира одговорноста на носителите на актуелни функции и институции поврзани со трагедијата во Кочани, соопштија попладнево од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ).
Ваквата реакција на опозицијата доаѓа откако денеска на прес-конференција Јавното обвинителство денеска соопшти дека е поднесено обвинение против 34 физички и три правни лица за трагедијата во пожарот во Кочани која загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.

„Наместо да се лоцира институционалната одговорност и да се повикаат на одговорност директорите на Државниот пазарен инспекторат, УЈП и други релевантни органи кои имаа обврска да постапуваат, фокусот се префрла на индивидуални случаи и на маргинални групи, избегнувајќи ја суштината-зошто и како фирма увезувала и со месеци продавала опасна пиротехника без дозвола, и кој тоа го дозволил“,
се вели во соопштението од опозициската партија.
Оттаму велат дека наместо да се отворат посебни истраги за секој аспект од случајот, како за незаконскиот увоз, за институционалниот надзор, за реакцијата на полицијата и за конкретните пропусти на диското, Обвинителството сѐ спакува во еден предмет, со што ризикува да се развлекува постапката со години, па дури и децении.
Со ваков пристап, според опозицијата правдата станува недостижна – а тоа е неприфатливо.
„Сериозно прашање е и одлуката приведените полицајци и полициски функционери, кои биле одговорни кобната вечер, да се пуштат на слобода со мерки за претпазливост. Особено загрижува фактот дека двајца од нив биле пресретнати на пат кон граница со Бугарија, што отвора сомнеж за можно бегство и криење на вината“,
велат од партијата.
Според опозицијата, без целосна и непристрасна истрага, без одговорност за институциите и носителите на функции кои затаиле, нема да има вистинска правда за жртвите и нивните семејства.
Неполни три месеци од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, Јавното обвинителство денеска соопшти дека поднесено обвинение против 34 физички и три правни лица за трагедијата во која загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.
Сите обвинети се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден, кој е обвинет за примање мито за изготвување на лажните лиценци за да може објектот да функционира како кабаре-клуб.
Иако првично бројот на осомничени во истрагата беше поголем и изнесуваше околу 50 лица, за дел од нив постапките се прекинати бидејќи во текот на истрагата не се обезбедени докази за нив.
Меѓу лицата за кои се прекинува постапката се и двајца поранешни министри за економија.
Како што дознава „360 степени“, двајцата поранешни министри за економија кои, барем засега, нема да одговараат за овој случај се Беким Незири и Дритон Кучи.
Шефот на обвинителството Љупчо Коцевски кажа и дека покрај двајцата поранешни министри, постапката се запира за уште девет други лица. Не кажа кои се ниту по име, ниту по функција. Само објасни дека запирање на постапка значи дека таа може повторно да продолжи, ако за такво нешто се соберат соодветни докази.
„360 степени“ дознава дека меѓу нив се и двајцата поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска-Димоска и Горан Трајковски.