Со Меморандумот за соработка во образованието за период од 2026 до 2028 година се дава можност 20 македонски студенти годишно да добиваат стипендија за студии во Унгарија. Приоритет ќе имаат апликанти кои сакаат да студираат во областа на науката, технологијата, инженерството и математиката, како и медицински и здравствени науки и земјоделствo
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Унгарија, Петер Сијарто, денеска за време на работната посета на С Македонија потпиша Договор за стратешка соработка помеѓу владите на двете земји и Меморандум за разбирање меѓу унгарското МНР и македонското Министерство за образование и наука.

Договорот за стратешка соработка од македонска страна го потпиша министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, а договорот за соработка во делот на образованието – министерката Весна Јаневска.
Со Меморандумот за соработка во образованието за периодот од 2026 до 2028 година се дава можност 20 македонски студенти годишно да добиваат стипендија за студии во Унгарија на унгарски или на друг странски јазик. Стипендиите ќе се доделуваат за редовни додипломски, постдипломски, едностепени магистерски и докторски студии, како и за скратени студии од три до десет месеци за стекнување академски кредити.

„Приоритет ќе имаат апликанти кои сакаат да студираат во областа на наука, технологија, инженерство и математика, како и медицински и здравствени науки и земјоделство. Меморандумот предвидува студентите да добиваат платена школарина, сместување во студентски домови во кампусот на високообразовната институција или средства за покривање на трошоците за сместување, право на здравствени услуги, користење на бесплатни библиотечни услуги, како и месечен надоместок за покривање на основните трошоци“,
наведуваат од Министерството за образование и наука.
Сијарто и Јаневска нагласиле дека потпишувањето на Меморандумот ги потврдува и јакне пријателските односи меѓу двете земји и ја унапредува соработката во високото образование.
На средбата со Муцунски, пак, соговорниците ги нагласиле одличните билатерални односи, трговската соработка, соработката во рамките на НАТО, како и поддршката на Унгарија за македонските евроинтеграции.