Покрај ајатолахот Али Хамнеи, и Револуционерната гарда исто така најави решителна одмазда, нагласувајќи дека Израел ќе плати висока цена за нападот во кој е убиен главниот командант на гардата, Хосеин Салами
Портпаролот на израелската војска, бригадниот генерал Ефи Дефрин, изјави дека Иран лансирал околу 100 беспилотни летала кон израелска територија, кои војската се обидува да ги пресретне
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, изјави дека Израел ќе биде жестоко казнет за нападот извршен утрово на нуклеарни постројки во земјата, во кој се убиени и неколку воени команданти на иранската армија, пренесуваат светските медиуми.

Според ајатолахот, Израел извршил злосторство врз Иран, поради што неговите воени сили нема да останат неказнети.
„Со ова злосторство, ционистичкиот режим си подготви горчлива, болна судбина, која дефинитивно ќе ја доживее“,
пренесува Би-би-си дел од изјавата на Хамнеи.
Од друга страна, властите во Тел Авив велат дека Израел немал друг избор освен да го нападне Иран, бидејќи собрале доволно разузнавачки информации дека Техеран се приближил кон „точка од која нема враќање“, во програмата за создавање нуклеарно оружје.
„Иранскиот режим со децении работи на добивање нуклеарно оружје. Светот ги испроба сите можни дипломатски канали за да го спречи, но режимот одби да престане“,
соопшти израелската војска, без да ги открие наводните докази за иранската програма за нуклеарно оружје.
Покрај ајатолахот Али Хамнеи, и Револуционерната гарда исто така најави решителна одмазда, нагласувајќи дека Израел ќе плати висока цена за нападот во кој е убиен главниот командант на гардата, Хосеин Салами.
„Израелскиот напад беше извршен со целосно знаење и поддршка на злите владетели во Белата куќа и терористичкиот американски режим“,
соопшти Револуционерната гарда.
По масовниот напад на Иран, израелските власти прогласија вонредна состојба, оценувајќи дека земјата очекува контранапади многу скоро. Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, ги повика граѓаните да ги следат упатствата на властите, додавајќи дека можеби ќе мора да останат во заштитени подрачја подолг временски период.
Портпаролот на израелската војска, бригадниот генерал Ефи Дефрин изјави дека Иран лансирал околу 100 беспилотни летала кон израелска територија, кои војската се обидува да ги пресретне пред да навлезат во воздушниот простор на Израел.

Во однос на нападот врз цели во Иран, Дефрин изјави дека во него учествувале 200 израелски авиони кои погодиле повеќе од 100 цели. Дефрин рече дека 200 израелски воени авиони учествувале во нападите, погодувајќи повеќе од 100 цели.
Иако израелските власти соопштија дека целта на нападите биле нуклеарни и воени објекти, медиумите во Иран јавуваат дека се погодени и станбени области во главниот град Техеран, а оти меѓу убиените има и цивили, вклучително и деца.
Британскиот национален сервис Би-би-си анализира дека денешниот напад на Израел врз Иран бил со многу поголем интензитет од претходните две операции извршени минатата години, што навестува дека Израел ја применува стратегијата употребена во неговата офанзива против Хезболах од ноември минатата година.
Имено, според анализата, целта не е само да се уништат ракетните бази на Иран, со што се ослабила воената моќ на земјата, туку и да се започнат напади за елиминирање на клучни членови на раководството на Иран.
Повикувајќи се на снимки од иранскиот главен град Техеран по нападот, Би-би-си наведува дека тие покажуваат оти се погодени специфични згради, слично како што беше случај со нападите на Израел врз јужните предградија на Бејрут, кои кулминираа со убиството на лидерот на Хезболах, Хасан Насралах.
Сепак, во нападот на Иран утрово не е убиена личност од таков размер и врховниот лидер на земјата не бил цел на нападите.
Но, убиството на началникот на иранскиот воен штаб, командантот на моќната Револуционерна гарда и неколку од врвните нуклеарни научници во земјата во првите часови од операцијата, за која израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху посочи дека може да трае со денови, значи нанесување невиден степен на штета на иранската елита, пишува британскиот национален сервис.
Според иранските државни медиуми покрај врховниот командант на Исламската револуционерна гарда Хосеин Салами во нападите се убиени и Голамали Рашид – командант на централниот штаб на Катам-ал Анбија, Ферејдун Абаси – нуклеарен научник и поранешен претседател на Иранската организација за атомска енергија и Мохамед Багери – началник на Генералштабот на вооружените сили на Иран.

Во однос на обвинувањата на Револуционерната гарда дека нападот бил извршен со знаење на Белата куќа, американскиот претседател Доналд Трамп изјави оти однапред бил свесен за плановите на Израел, но рече дека американската војска немала никаква врска со операцијата врз Иран.
И американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека САД не се вклучени во израелските напади врз Иран, а во исто време го повика Техеран да не ги напаѓа американските интереси или персонал во регионот.
„Вечерва, Израел презеде еднострана акција против Иран. Ние не сме вклучени во нападите врз Иран и наш приоритет е да ги заштитиме американските сили во регионот. Да бидам јасен, Иран не треба да ги напаѓа американските интереси или персонал“,
изјави Рубио.