Во однос на новите задолжувања, рече дека засега реална е само реализацијата на кредитот од Унгарија, а тоа задолжување се реализира суксесивно, не е инстантно. Кај британскиот кредит, пак, не гледа ништо на повидок и не очекувам дека во 2025 ќе има ефективно повлекување средства, зашто се врзани за проекти
Новиот гувернер на Народната банка, Трајко Славески вечерва во гостување на ТВ21 порача дека е против замрзнување на маржите.

Според него, нема ефекти од тоа.
„Мислите дека постојано треба да бидат замрзнати? Ама како, кој е моделот? Имаме ние регулирани цени на нафта, телекомуникациски, но има регулаторни тела. Но, никаде во светот нема регулаторно тело за малопродажните цени“,
рече тој.
Славески зборуваше и за влијанието на новите задолжувања врз јавниот долг и предупреди на долгорочните последици од натамошно зголемување на задолженоста.
„Нашиот јавен долг само за време на пандемијата се зголеми за 10 процентни поени, и тоа за да се поддржат доходите на секторите што беа затворени. Тоа беше несреќна околност што нè погоди со веќе висок јавен долг“,
кажа новиот гувернер.
Посочи дека висок јавен долг значи и повисоки камати за неговата отплата – средства кои, наместо за отплата, можеа да се искористат за други потреби, како образовни и здравствени инвестиции или инфраструктура.
Во однос на новите задолжувања, рече дека засега реална е само реализацијата на кредитот од Унгарија.
„Тоа задолжување се реализира суксесивно, не е инстантно. Кај британскиот кредит, пак, не гледам ништо на повидок. Не очекувам дека во 2025 ќе има ефективно повлекување средства, затоа што се врзани за проекти – и тоа би било исто така постепено задолжување“,
вели тој.
Според него, внимателноста при нови задолжувања е клучна, бидејќи секое ново задолжување во сегашниот контекст значи дополнително оптоварување врз буџетот и ризик за фискалната стабилност.