Во Калифорнија веќе се распоредени 300 припадници на Националната гарда, кои се таму од неделата за да помогнат во смирувањето на протестите против политиките за спроведување на имиграциските закони на претседателот Доналд Трамп, потег што гувернерот Гевин Њусом, кој е од редовите на демократите, го нарече нелегален
Околу 700 маринци на војската на Соединетите Американски Држави привремено ќе бидат распоредени во Лос Анџелес, додека во меѓу време се очекува да пристигнат дополнителни трупи на Националната гарда, изјави за Ројтерс доцна синоќа претставник на американската администрација.

Тензиите меѓу федералната влада на САД и вториот по големина град во земјата драматично ескалираа во текот на викендот, кога жители излегоа на улиците за да протестираат против серијата брутални мерки против имигрантските заедници. Рациите во регионот ги погодија работниците во текстилната област и во рестораните, а претседателот на голем синдикат во Калифорнија беше уапсен од федерални агенти додека ги набљудуваше апсењата од страна на американската Служба за имиграција и царина (Ice).
Во Калифорнија веќе се распоредени 300 припадници на Националната гарда, кои се таму од неделата за да помогнат во смирувањето на протестите против политиките за спроведување на имиграциските закони на претседателот Доналд Трамп, потег што гувернерот Гевин Њусом, кој е од редовите на демократите, го нарече нелегален.
Функционерот на американската администрација, говорејќи за Ројтерс под услов да остане анонимен, рече дека ќе биде испратен еден батаљон маринци, но додава дека не се очекува активирање на Законот за бунт (Insurrection Act), кој ќе ѝ дозволи на војската да ги преземе овластувањата за спроведување на законот.
Според информациите, бројот на припадници на Националната гарда до среда треба да се зголеми на 2 000, а дотогаш поддршка на веќе распоредените треба да обезбедат припадници на маринскиот корпус. Засега нема информации кои се задачите што треба да ги извршуваат тие.
Функционерот додава дека ситуацијата во Лос Анџелес е динамична и може да се промени во секој момент.
И покрај тоа што се соочија со солзавец и гумени куршуми во текот на викендот, демонстрантите продолжија со собирите и вчера, а семејствата на притворените имигранти упатија апел нивните најблиски да бидат ослободени, пишува „Гардијан“.
Иако на американската војска не ѝ е дозволено да учествува во спроведувањето на законот на американска територија без примена на Законот за бунт, Пентагон редовно обезбедува помош при национални кризи, од контрола на границите, до помош при природни катастрофи, до здравствени вонредни состојби. Така, за време на панедмијата со ковид 19, американската војска постави привремени болници.
Обединетите нации повикаа на деескалиција на ситуацијата
Обединетите нации вчера ги повикаа сите страни вклучени во немирите во Лос Анџелес да ја деескалираат ситуацијата.
„Не сакаме понатамошна милитаризација на ова. Ги охрабруваме страните на локално, државно и федерално ниво да работат тоа да се случи. Се надеваме дека сите страни ќе ја деескалираат ситуацијата.“,
изјави портпаролот на ОН, Фахран Хак, во Њујорк, како одговор на прашање од германската агенција ДПА.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера навести дека ќе го поддржи апсењето на гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, поради протестите за поддршка на имиграцијата во таа држава.
Во саботата, Том Хоман, и поранешен привремен директор на Одделот за имиграција и царина, а сега специјален претставник на Трамп за гранична контрола се закани дека ќе го уапси секој што ќе се меша во напорите за спроведување на законите за имиграција во земјата, алудирајќи и на Њусом и на градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас.

Њусом на ваквите наводи на Хоман одговори во интервју за Ен-би-си њуз (NBC News), велејќи „само да се стави крај на ова“, па нека го апсат.
Вчера, Трамп одговори на новинарско прашање дали би ја поддржал заканата на Хоман за апсење на Њусом одговори потврдно.
„Да сум на местото на Том, ќе го направев тоа. Мислам дека би било одлично. Гавин сака внимание, но ова би било одлично“,
изјави Трамп од Белата куќа.