Од друга страна, пак, за бранителот на Александар Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегџиќ, користољубие одамна паднало како мотив за извршувањето на делото. Според негово лично мислење, тоа е извршено за да се внесе страв и немир кај населението, особено во основните училишта, а кои биле мотивите за тоа, како што додаде, останува нерасчистено до крај поради лошата истрага
Тешката финансиска состојба во која биле обвинетите бил мотивот да ги извршат двете грозоморни убиства на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Ова го кажа обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска заокружувајќи ги завршните зборови на Основното јавно обвинителство Скопје од судскиот процес за настаните кои кон крајот на 2023 година ја шокираа македонската јавност.

Завршните зборови на обвинителката траеја нешто помалку од пет часа на денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје, со две паузи меѓу нејзиното излагање, во кое во детали ги наведе доказите и сведочењата што беа изведени на досегашната главна расправа.
Пред да почне со завршните зборови, обвинителката направи прецизирање на обвинителниот акт.
Имено, како време на убиството на Вања, обвинителката наведе дека наместо околу 9:30 часот треба да стои околу 8:30 до 9:30 часот, додека за убиството на Жежовски наместо околу 10 часот да стои околу 11 часот.
Во однос на обвинетите Љупчо Палевски-Палко, Влатко Кешишов, Боре Видевски и Велибор Манев, кажа дека се познавале доволно долго време за да ги испланираат и извршат злосторствата.
Таа кажа дека обвинетите ја убиле Вања и ја закопале во дупка без грам чувство и родителска грижа, иако и самите биле родители.
Осврнувајќи се на улогата на таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, кој е обвинет за помагање во грабнување, бидејќи, според Обвинителството, на Палевски му ја кажал рутината на движењето на девојчето, обвинителката, повикувајќи се на сведочењата на полициските службеници, рече дека Ѓорчевски уште на почетокот им бил сомнителен на инспекторите бидејќи цело време велел дека Вања е киднапирана.
Обвинителката во детали повторно ги наведе сведочењата и анализите од обдукцискиот наод, психијатриското вештачење и телефонската комуникација меѓу обвинетите. За разлика од четворицата соизвршители за кои беше кажано дека комуницирале преку апликации, не беше наведена директна комуникација меѓу обвинетиот Ѓорчевски и другите.
Во последниот дел од завршните зборови обвинителката се осврна на снимките од безбедносните камери од системот „Безбеден град“ (Сејф сити) и од други објекти, кои, како што рече, го покажуваат движењето на возилото „ситроен “ поради кое бил убиен Жежовски и на пикапот „рено кангу“.
Како што кажа обвинителката, снимките од критичниот ден кога е грабната и убиена Вања, односно 27 ноември 2023 година, покажуваат дека во „ситроенот“ има три лице, за кои, додаде, е утврдено дека се Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски. Камерите, според неа, покажуваат и дека тројцата биле во истото возило и на 24 ноември, кога првпат се обиделе да го грабнат девојчето, но заглавиле во сообраќаен метеж утрото тој ден.
Возилото „рено кангу”, обвинителката рече дека го управувал обвинетиот Љупчо Палевски-Палчо.
Во однос на грабнувањето на Вања, обвинителката наведе дека лопатите што ги носат двајца од обвинетите покажуваат дека намерата на обвинетите не била само да го грабнат девојчето туку и да го убијат.

Обвинителката го наведе од моментот со становите на Ѓорчевски, односно договорот со поранешната сопруга тие да им бидат дадени на дар на двете ќерки.
На Вања ѝ припаднал станот на Александар на булеварот „Партизански одреди“, додека оној на улицата „Наум Наумовски Борче“ од каде што е грабнато девојчето, а кој на Александар во 2018 година му го препишала неговата поранешна сопруга, го добила нејзината сестра Миња. Сепак, овој договор никогаш не бил заведен на нотар и солемнизиран.
„Ова добро му било познато на Александар Ѓорчевски и знаел што значи тоа”,
рече обвинителката.
„Неспорно од сите изведени докази произлезе декан сите обвинети биле во тешка финансиска состојба поради што ги извршиле делата“,
рече обвинителката Крстевска-Јосифовска на крајот од завршните зборови.
Од друга страна, пак, за бранителот на Александар Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегџиќ, користољубие одамна паднало како мотив за извршувањето на делото.
„Не постои ниту една комуникација ниту било што, што би го компромитирало таткото или би го довело во врска со овие за кои во текот на постапката се изведени доволно докази од кои секој обичен набљудувач може да изведе логичен заклучок дека во овој случај основот на обвинението, користољубие е одамна и овде се работи за сосема нешто друго друго“,
рече Туфегџиќ.
Според негово лично мислење, делото е извршено за да се внесе страв и немир кај населението, особено во основните училишта, а кои биле мотивите за тоа, како што додаде, останува нерасчистено до крај.
„Кои биле мотивите тоа е до крај нерасчистено поради една површина истрага и многу пропусти во истражната постапка и она што постојано го повторувам во 21. век да примените тортура е нон сенс и потполно непотребно при постоење на онака современи истражни методи и истражна технологија која би овозможиле да дојдете до вистината. Зошто е тоа така направено, останува да видиме во некој нареден период“, рече адвокатот.

Прашан претходно за коментар на денешните завршни зборови на Обвинителството, адвокатот кажа дека бил изненаден од нив бидејќи, како што кажа, очекувал повеќе енергија и силни аргументи.
„Напротив, добивме само една сувопарна компилација на прочитани докази, неповрзани едни со други. По однос на таткото, можам да кажам дека јавното обвинителство не докажа надвор од разумно сомнение дека го сторил кривично дело што му се става на товар. Слушнавте и сами, сведоци сте дека единствениот темел на обвинението за таткото е дека во даден момент според нечија перцепција тој се однесувал чудно, односно бил чуден. Не слушнавме и не е понуден ниту еден доказ за каква било негова инволвираност и од тие причини сметам дека се остварија моите предвидувања дека Обвинителството нема да го повлече обвинението и верувам во една праведна одлука на судот во однос на таткото“,
кажа Туфегџиќ.
Следното рочиште е закажано веќе за в среда, на 11 јуни, кое исто така треба да продолжи со завршни зборови на правните застапници на оштетените, а потоа и на обвинетите и нивните бранители.
Во оваа насока, судијата Ивица Стефановски, кој претседава со судечкиот совет во предметот, информира дека добил барање од обвинетиот Љупчо Палевски-Палчо да му бидат доставени записниците од судењето за да може да ги подготви завршните зборови.
Судијата Ивица Стефановски му ги предаде сите записници наведувајќи дека никој нема да биде лишен од документи потребни за подготовка на завршните зборови.