Новото дебатно издание на емисијата „360 степени”, во кое гостува доскорешната уставна судијка Елизабета Дуковска, се емитува вечерва (9 јуни 2025 г.) од 20:15 часот на МРТ 1
Во ова издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1 – за случајот што предизвика земјотрес во судскиот систем, а тоа е неодамнешната пресуда на Управниот суд со која беше поништен изборот на Елизабета Дуковска за судија на Уставниот суд. Дуковска беше избрана од Собранието во април 2023 година, а пресудата на Управен дојде повеќе од две години подоцна. Управниот суд својата одлука ја темели на констатацијата дека постапката пред Судскиот совет за утврдување предлог за избор на судија на Уставниот суд во февруари 2023 година е спроведена неправилно и незаконито. Во стручната јавност, нема дилеми дека станува збор за правен преседен, но за едни во позитивна, а за други во негативна смисла. Инаку, името на Елизабета Дуковска периодов се слушаше во јавниот простор како судија известител за иницијативите за оценување на уставноста на законот за јазици. Што мисли за целиот случај најзасегнатата, ќе слушнеме лично од неа, во првиот нејзин јавен настап по пресудата на Управниот суд.
Емисијата се емитува од 20:15 часот на МРТ 1.