Тој додаде дека за мерките може да аплицираат невработени лица, корисници на гарантирана минимална помош, лица со попреченост, повратници од странство, жени жртви на родово и семејно насилство, како и граѓани кои сакаат да ја формализираат својата досегашна неформална дејност

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши и директорот на Агенцијата за вработување, Селајдин Белули денеска официјално го објавија отворањето на јавниот повик за мерките од Оперативниот план за вработување за 2025 година, кои имаат за цел поддршка на самовработување на невработените лица регистрирани во Агенцијата за вработување.
Првата мерка, како што рече министерот Дурмиши, е наменета за лица над 29 години и предвидува финансиска поддршка од 430 500 денари односно 7 000 евра за основање на нов бизнис, а во специфични случаи за вработување на лица со попреченост се нуди и дополнителна поддршка до 250 000 денари.
Втората мерка, додаде тој, се однесува за млади до 29 години, кои имаат можност да добијат поддршка до 615.000 денари или 10.000 евра за основање сопствен бизнис.
Дурмиши рече дека двете мерки вклучуваат и обука за претприемништво, изработка на бизнис план, како и шестмесечно менторство за целните групи, вклучувајќи ги и лицата со попреченост, припадниците на ромската заедница и жените од руралните средини.
Тој додаде дека за мерките може да аплицираат невработени лица, корисници на гарантирана минимална помош, лица со попреченост, повратници од странство, жени жртви на родово и семејно насилство, како и граѓани кои сакаат да ја формализираат својата досегашна неформална дејност.
„Овие мерки не се само финансиска помош, туку се директна инвестиција во потенцијалот на граѓаните и во развојот на локалната економија“,
истакна министерот на прес-конференција во Владата.
Од овој повик Дурмиши рече дека исклучени се некои дејности како дел од земјоделските активности, такси-превоз, игрите на среќа, осигурување на посредување при вработување. Сепак за лицата со попреченост и за жените од руралните средини се предвидени специфични исклучоци во согласност со регулатвата.
На новинарско прашање дали тоа што се дава можност да се формализира досегашна неформална дејност значи дека тие што досега работеле незаконски и ништо не и плаќале на државата, сега ќе може да го легализираат бизнисот, нема да имаат казни, а ќе добијат и пари од државата за да работат според закон, Дурмиши рече дека тоа не е целта.
„Не, не е тоа целта. Интересот на граѓаните и на луѓето што работат активно имаат добра можност помеѓу овој начин да го формализираат бизнисот да речеме ако имаат потреба да додадат уште едно ново вработено лице. Да вработат уште еден и да земат поддршка од оперативниот план“,
изјави Дурмиши.
Според директорот на Агенцијата за вработување, Белули, целта на мерките е поддршка на претприемништвото.
„Мерките ќе обезбедат одржливи вработувања и ќе овозможат создавање, како и рамномерна дистрибуција на економските субјекти низ осумте плански региони во државата. Процесот на селекција се одвива низ неколку фази, а ќе се поддржат најдобри идеи и бизнис планови“,
рече директорот и ги повика граѓаните да се јават на повикот.
Сите 30 центри на Агенцијата, додаде тој, се подготвени за прием на апликациите и тоа ќе трае до 20 овој месец.
Процесот на селекција, рече Белули, се одвива низ неколку фази, а имплементацијата на програмата започнува со јавен повик до невработените лица за учество во програмата, по што заинтересираните се пријавуваат во надлежниот Центар за вработување и пополнуваат првичен прашалник.
„Врз основа на резулатите од пополнетиот прашалник се изготвува рнг листа на учесници за понатамошната фаза. Потоа за овие лица е обезбедена обука за претприемништво и развој на бизнис вештини. По завршување на обуката се изработуваат бизнис планови од страна на невработените лица заедно со ангажираните консултанти, а потоа продолжува проценката од страна на експертската комисија. На крајот сите бизнис планови се бодираат од експертите и подлежат на рангирање, а најдобрите се поддржуваат со потпишување на договори и формирање правни субјекти“,
рече тој.
Белули додаде дека, според проценките, интересот на невработените е висок и денеска до 10:30 часот се поднесени над 200 апликации.
Претходно, владината портпаролка Венера Азизи потсети дека со Оперативниот план за 2025 година директно ќе бидат опфатени над 16 000 граѓани. Планот се потпира на рекорден буџет од 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони евра повеќе од минатата година и претставува најамбициозна инвестиција на Владата во областа на вработувањето и социо-економскиот развој.