Станува збор за жена која при планинарење го повредила скочниот зглоб и не била во можност самостојно да се движи
Полициски службеници од Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска спасија повредена планинарка на Јабланица.

Од МВР информираат дека по добиена пријава за повредено лице на планината Јабланица, Струшко, од Хеликоптерската деница заедно со тим од САЕ „Тигар“, со хеликоптер се упатија на локацијата за спасување на лицето.
„По прецизно лоцирање на повреденото лице, истото беше безбедно евакуирано од страна на полициските службеници и транспортирано до Меѓународниот аеродром ‘Св. Апостол Павле’ во Охрид, од каде што е преземено од Итна медицинска помош и транспортирано за натамошно укажување на лекарска помош“,
се вели во полициското соопштение.
Станува збор за жена која при планинарење го повредила скочниот зглоб и не била во можност самостојно да се движи.
Според информациите на Центарот за управување со кризи (ЦУК) условите за пристап до повредената
биле отежнати, а теренот непрооден за возила.
„Условите за пристап до повредената биле отежнати – теренот непрооден за возила, а пешачкиот пристап би траел приближно шест часа. Поради тоа, ЦУК стапи во контакт со МВР, со барање за ангажирање на воздухоплов за спасување“,
информираат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека хеликоптерот ја презеде повредената во 13 часот, по што е транспортирана до аеродромот во Охрид.
Потоа, со возило на Итната медицинска помош е пренесена до Специјалната болница за ортопедија и трауматологија – Костозглобна болница Охрид.



