„Не мора таа да влијае директно, но како велат старите – ‘страв лозје чува’. Се работи за член на Судскиот совет којшто одлучува за кариерата на судиите, односно за унапредување, а може да одлучува и за нивно разрешување“, вели Дуковска чиј избор за уставен судија неодамна го поништи Управниот суд по тужба на Антоанета Димовска

Членувањето во Судскиот совет на Антоанета Димовска влијаело врз судиите од Управниот и од Вишиот управен суд да донесат одлука со која се поништува изборот на Елизабета Дуковска за уставна судијка во 2023 година, смета засегнатата Дуковска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Oвие аргументи, како што вели, ги навела и во претставката до Државната комисија за спречување корупција.
Дуковска: Не мора таа да влијае директно, но како велат старите – ‘страв лозје чува’. Се работи за член на Судскиот совет којшто одлучува за кариерата на судиите, односно за унапредување, а може да одлучува и за нивно разрешување.
360°: Тоа ли е содржината на вашата претставка до ДКСК?
Дуковска: Да, во најголем дел е и содржина во мојата претставка до Комисијата за спречување корупција.
360°: Што барате од антикорупционерите конкретно?
Дуковска: Да утврдат дека со самото поднесување на тужбата таа имала намера да влијае врз судиите за да се одлучи во нејзина полза.
Минатиот месец Управниот суд ја поништи одлуката на Собранието на Република Северна Македонија од 10 април 2023 година за избор на Елизабета Дуковска за судијка во Уставниот суд.
Причината поради која Управниот суд ја поништил одлуката за избор на Елизабета Дуковска за судија на Уставниот суд е неправилно спроведена постапка за утврдување кандидат за уставен судија, при што Судскиот совет не се поставил еднакво кон сите тројца кандидати.
Судот оцени дека тужбата на Антоанета Димовска е основана и наложи повторно постапување согласно законските критериуми за правичност, транспарентност и еднаквост, при што треба да се спроведе гласање за сите предложени кандидати со целосно почитување на критериумите пропишани во Законот за судски совет.