Според Дурмиши, поскапувања има само кај сезонски производи, кои не спаѓаат во категоријата на основни прехранбени производи

Министерот за економија Бесар Дурмиши денеска изјави дека нема драстично зголемување на цените на основните прехранбени производи и се повика на информација што му била дадена од директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Влатко Стојкоски. Целосниот официјален извештај за спроведените инспекциски контроли во мај Дурмиши рече дека се очекува утре да биде доставен до Владата.
Според Дурмиши, поскапувања има само кај сезонски производи, кои не спаѓаат во категоријата основни прехранбени производи.
„Денеска се слушнав со директорот. Утре ќе биде доставена до Влада информацијата за вонредните контроли во мај. Ќе не известат точно како се движеле цените по завршување на мерката. Од она што знам засега, нема драстично зголемување на цените, само на производи кои се сезонски, но тие не спаѓаат во делот на прехранбените основни производи. Од она што усно ме информираше директорот на ДПИ, немаме драстично зголемување на цените на основните прехранбени производи. Утре подетално ќе бидеме известени, а извештајот ќе биде доставен и до медиумите и до граѓаните“,
рече Дурмиши во одговор на новинарско прашање.
Министерот Дурмиши беше прашан и за обврската на ДПИ да изврши контрола на веб-страниците на трговските маркети и аптеките кои имаат над 10 вработени, а во врска со јавната транспарентност на цените и граничните случаи со мал број продажни места за што рече дека утре ќе се знаат и тие информации.
„Заедно со оние контроли што ги прави ДПИ, дали сите производи се ставени на веб-страниците, дали некој направил прекршок или не го почитувал законот утре ќе бидеме информирани“,
одговори Дурмиши.
Тој додаде дека законот го предвидува точно бројот на вработени и оти не може ние да одлучиме по наша волја, мора да го почитуваме законот.
„Ако треба нешто да се менува, нормално дека ќе седнеме и ќе ги анализираме сите барања“,
рече тој.
Контролите на ДПИ се интензивираа откако на 30 април заврши мерката на Владата за ограничување на бруто-профитните маржи за поширока палета на основни прехранбени производи.
Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат на терен проверуваа дали кај производителите, дистрибутерите и трговците има зголемување на цените откако заврши мерката.
По завршување на мерката, министерот Дурмиши, но и премиерот Христијан Мицкоски, рече дека доколку се утврди зголемување на цените на производите, во тој случај ќе се преземат поригорозни мерки, кои не е исклучено да важат до крајот на годината.