Препораките се однесуваат на сите граѓани, особено на најранливите категории – постари лица над 60 години, деца, бремени жени, хронично болни, лица со прекумерна тежина, оние со ментални нарушувања и граѓани кои се подложени на специфични терапии

Избегнување престој на сонце од 11 до 17 часот, носење лесна, широка облека во светли бои, капа со широк обод и очила за сонце, како и престојување во климатизирани простории кога е можно, се само дел од препораките што ги даваат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) по најавите за пораст на температурите во земјава.
Препораките се однесуваат на сите граѓани, особено на најранливите категории – постари лица над 60 години, деца, бремени жени, хронично болни, лица со прекумерна тежина, оние со ментални нарушувања и граѓани кои се подложени на специфични терапии.
Од ИЈЗ предупредуваат дека ризикот од здравствени компликации е најголем кај оние кои работат или престојуваат на отворено во текот на најжешките делови од денот.
„Ако морате да бидете надвор, одмарајте често во сенка и избегнувајте директна изложеност на сонце, пијте доволно течности – вода пред сè – и не чекајте да се појави жед, никогаш не оставајте луѓе или животни во паркирани возила, дури ни за кратко, туширајте се со млака вода или ставете ладни облоги на телото, лицата со хронични болести строго да ги следат препораките и редовно да ја земаат терапијата, по консултација со матичен лекар“,
препорачуваат од Институтот.
Од ИЈЗ велат дека кога телото станува премногу топло или има проблеми да ја балансира температурата, тоа може да доведе до чувство на слабост, сува уста, вртоглавица, гадење, прекумерно потење, сува кожа, грчеви.
„При влошување на т.н. ‘сончаница’ може да се појават и следните симптоми и знаци – престанок на потење, екстремно топла кожа, конфузија (зашеметеност), забрзана срцева фреквенција, отежнато дишење, несвестица и сѐ до смртен исход“,
се вели во препораките од Институтот.
Оттаму предупредуваат и дека ако некое лице има топла и сува кожа, болки во стомакот, грчеви или губење на свест, веднаш треба да се повика итна медицинска помош на броевите 194 или 112.