Четиринаесет лица од потесното семејство на 53-годишниот маж од Чаир кој пред неколку дена почина и посмртно беше дијагностициран со ковид-19 денеска се тестирани, а осум вработени од приватната болница кај што бил донесен се во изолација поради контактот, изјави за Телма Арбен Зибери, директор на Центарот за јавно здравје Скопје.
Информацијата на Фејсбук ја сподели и министерот за здравство Венко Филипче.
„Во Центарот за јавно здравје се пријавиле неколку семејства кои присуствувале на погребот. Осум вработени од приватната болница се во изолација поради контактот со пациентот кој починал и кому посмртно бил дијагностициран ковид-19“,
напиша Филипче.
Министерството за здравство вчера соопшти дека семејството не сакало да се тестира и да соработува со епидемиолозите, и покрај тоа што на погребот имало 200 присутни луѓе. За денеска најавија дека со асистенција на МВР ќе направат акција да се земат епидемиолошки анкети. Но Зибери вели дека денеска семејството соработувало со епидемиолозите и за анкетите и за брисевите.
