Како што соопшти предметната јавна обвинителка Ана Гоговска-Јакимовска на прес-конференцијата на 22 мај, во случајот се поднесени две обвиненија – првото се однесува на економското работење на Клиниката, во кој се опфатени тогашните медицински директор Васев и организацискиот директор на клиниката Нухи, а вториот дел е третманот на пациентите и опфаќа четворица лекари онколози. Обвинението кое доби одобрени се однесува на вториот дел од предметот
Основниот кривичен суд Скопје во целост го одобри обвинителниот акт за случајот „Онкологија“, по што сега останува да бидат одредени судијата и датумот кога поранешниот директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија Нино Васев заедно со уште неколку лекари онколози ќе седнат на обвинителна клупа.

„Советот за оцена на обвинителниот акт, постапувајќи по обвинението со К – ООА 128/25 за случајот, во јавноста познат, како ‘Онкологија’, поднесен 22.05.2025 година, донесе решение со кое приговорот на одбраната се одбива, а актот се одобрува. По вака одобрениот обвинителен акт формиран е кривично – правен предмет со К. бр. 1069/25 кој согласно АКМИС-системот ќе биде распределен на понатамошно постапување кај судија, а штом биде насочен термин за главна расправа, истиот ќе биде достапен на календарот за судења на веб-страницата на судот“,
соопштија денеска од Кривичниот суд.
Предметот, како што соопшти предметната јавна обвинителка Ана Гоговска-Јакимовска на прес-конференцијата на 22 мај, е поделен на два дела – односно има две обвиненија. Првото се однесува на економското работење на Клиниката во кој се опфатени тогашниот медицински директор Васев и организацискиот директор на клиниката Нухи, а вториот дел од предметот се однесува на третманот на пациентите и опфаќа четворица лекари онколози.
Овој обвинителен акт се однесува за несовесно лекување и тешки дела против здравјето на луѓето, каде обвинети се ексмедицинскиот директор Нино Васев и тројца лекари онколози.
„Има и друг обвинителен акт против Н.В. и уште еден обвинет кој е во фаза на оценка и за него доколку биде одборен, ќе има друг предмет“,
велат од Кривичен.
Васев и Нухи, како што соопштија од Обвинителството, се обвинети за продолжени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување, измама во службата и проневера во службата. Повеќето од дејствијата ги сториле во соизвршителство и во временски период од 2018 до 2022 година.
Во врска со делото злоупотреба на службената положба, тие се товарат дека постапувајќи спротивно на законските прописи во постапките за набавка на лекови прибавиле значителна имотна корист за друг и нанеле штета на државниот Буџет во износ од над 2,2 милијарди денари.
„Обвинетите, во постапките за јавни набавки на лекови – биолошка активна терапија, молекуларна таргет-терапија и моноклонални антитела – набавувале лекови на реверс без да постои валиден правен основ за тоа, по што за покривање на реверсите спроведувале постапки за јавни набавки, кои биле беспредметни бидејќи добавувачите на лекови во рамките на добиените јавни набавки ги фактурирале претходно дадените лекови на реверс, па без комплетна, веродостојна и вистинита документација обвинетите овозможувале верификација на реверсите преку јавните набавки. Со ваквите противзаконити дејствија обвинетите креирале противправни обврски на Фондот, кој бил доведен во заблуда дека условниот буџет кој го одобрува се однесува на законски креирани обврски, а не за намирување на противправно креирани обврски за лекови набавени на реверс, поради што Фондот на годишно ниво одобрувал условен буџет на Клиниката, од кој потоа биле исплаќани лековите набавени на овој начин“,
соопштија тогаш од Обвинителството.
Во однос на кривичното дело проневера во службата, обвинетиот медицински директор помогнат од организацискиот директор е обвинет дека преку постапките за набавка на лекови набавил количина која имал намера да ја присвои, па откако со свој потпис ќе го препишел и одобрел лекот, дел од лековите фиктивно ги раздолжувал, односно не ги аплицирал на пациентите во чие име овие лекови биле требувани, поради што била утврдена разлика меѓу евидентираната требувана количина за пациент и раздолжената количина за пациенти во износ од околу 2 милиони денари.
Ова, според Обвинителството, било констатирано кај деветмина пациенти за кои фиктивно се раздолжувани пет различни лекови.
Вториот дел на предметот се однесува на третманот на пациентите и во него се опфатени четворица лекари онколози.
И овде првообвинет е поранешниот директор на Клиниката, кој во соизвршителство со друга лекарка на истиот оддел се товари дека извршил продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување болни. Други двајца лекари се товарат за основното кривично дело несовесно лекување болни.
Со медицинските вештачења, како што информираа од Обвинителството, е утврдено дека кај 29 пациенти првообвинетиот применил очигледно неподобен начин на лекување и спротивно на тековните онколошки упатства, со отстапувања во дозирањето и во фазата на лекување, давал лекови од новите генерации на таргет и имунотерапија, со што тешко го нарушил здравјето на пациентите.

Во дел од случаите ова му било овозможено од втората обвинета која му ставила на располагање свој факсимил, со кој одобрувал и препишувал терапија, и свое корисничко име и лозинка, со кои раздолжувал терапија во ХИС-системот на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.
Другите двајца лекари се обвинети за кривично дело – несовесно лекување болни, бидејќи врз основа на медицинските истории е утврдено дека одредувале терапија со лекови од новите генерации на таргет и имунотерапија во фаза на лекувањето кога било многу очигледно дека пациентите од таквиот лек воопшто нема да имаат корист поради лошиот перформанс-статус и немањето време да се развие механизмот на дејство, со што дополнително ја влошиле нивната состојба.