Штипскиот кризен штаб одржа состанок по денешното објавување на новозаразените текстилни работнички и две деца.
Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски вели дека по масовното тестирање во конфекцијата, од каде што почна да се шири вирусот, но и на работниците од други конфекции кои се превзеувале во истите автобуси се очекувале вакви бројки и смета дека наредните денови ќе се намалува нивниот број.
„Сега ги очекуваме резултатите од тестирањата од претходните неколку дена од таа текстилна компанија, каде што и за очекување е да имаме неколку позитивни случаи. Како кризен штаб презедовме низа на мерки, направивме дезинфекции пред конфекциите, амбулантите, а денеска продолжуваме со миење на улиците и дезинфекција на детските игралишта“,
изјави Бочварски.
Тој побара од работничките и новозаразените да бидат искрени и да ги кажат сите контакти, со цел побрзо да се затвори кругот на ширењето на вирусот.
Во моментот во Штип во самоизолација се 170 граѓани. На Инфективно одделение се хоспитализирани 15 лица, а веројатно ќе бидат примени уште две пациентки со средно тешка клиничка слика.
Градоначалникот Бочварски рече дека капацитетите во одделението не се пополнети и дека има и план Б – доколку се пополнат, има резервни простории каде ќе можат да се сместуваат пациенти, иако се надева дека до тоа нема да дојде.
