Премиерот изрази жалење ако градоначалничката на Скопје навистина добива закани по живот, како што тврди самата, и ја охрабри да го пријави случајот во полиција
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека Јавното обвинителство треба да се остави да работи на случајот со дивоградбите во скопски Чаир и доколку има докази за кривични дела, да постапува по нив.

Премиерот ова го кажа откако градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која минатата недела алармираше за дивоградбите, вчера и официјално до Јавното обвинителство ги поднесе документите кои ги поседува за случајот со дивоградбите во Чаир и нивното незаконско легализирање.
„Доколку тие докази се доставени до Јавното обвинителство, предлагам да го оставиме Обвинителството да сработи и се разбира, доколку има такви докази, да се постапува по истото. Тука нема дилема. Ние не можеме да санкционираме или да не санкционираме едни или други. Законот мора да важи за сите. Но, да го оставиме Јавното обвинителство да сработи, па да видиме што е тоа што е доставено“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Институот за јавно здравје.
Премиерот изрази жалење ако градоначалничката навистина добива закани по живот, како што тврди самата, и ја охрабри да го пријави случајот во полиција.
„Навистина жалам ако се случува тоа да градоначалничката добива закани по живот и ја охрабрувам веднаш да појде во МВР и да ги пријави истите. МВР да испита кој е заканувачот и веднаш да постапува по истото“,
рече Мицкоски.
Прашан да ги коментира изјавите на првиот вицепремиер Изет Меџити и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, дека Арсовска се користи како инструмент на ДУИ за дестабилизација пред изборите, премиерот вели:
„Па, има вистина тука. И тоа впрочем им е јасно на сите, но еве јас не би имал повеќе од тоа што го кажуваат господинот Меџити и господинот Ганиу да додадам. Има вистина и јавноста многу скоро ќе дознае и други детали“.