Целта на мерката, која е предвидена во Оперативниот план за 2025 година, како што посочуваат од Владата, е навремена и брза реакција на спречување на пожарите кои се најприсутни во текот на летниот период
Владата најави вработување на 400 пожарникари во пресрет на летната сезона. Целта на мерката, предвидена во Оперативниот план за 2025 година, како што посочуваат оттаму, е навремена и брза реакција на спречување на пожарите кои се најприсутни во текот на летниот период.

„Пожарникарите даваат натчовечки напори за борба со огнената стихија, ризикувајќи ги сопствените животи за да спасат други човечки животи, животната средина и други материјални добра. Токму затоа, со цел превенција од шумските пожари, овие 400 лица ќе се вработат во општините каде што има најмногу потреба“,
информираат од Владата.
Оттаму дополнително посочуваат дека Оперативниот план за вработување опфаќа и вработување на 600 лица кои ќе бидат ангажирани за јавни работи и општински проекти од инфраструктура и заштита на животната средина на локално ниво.
„Со ова придонесуваме кон превенција и заштита од пожарите, како и заштита на животната средина и здравјето на сите граѓани. Здравата животна средина и заштита на здравјето на граѓаните, но и заштита од вакви катастрофални појави во летниот период е наш приоритет“,
се додава во владиното соопштение.