Архиепископот денеска предлогот го испратил до членовите на Синодот на МПЦ-ОА, а седницата за избор на нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија ја закажал за 12 јуни годинава
Новоизбраниот монах Георгиј е предлогот на Архиепископот Стефан за избор на нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија при Македонската православна црква-Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), пишува „Религија.мк“.

Архиепископот денеска предлогот го испратил до членовите на Синодот на МПЦ-ОА, а седницата за избор на нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија ја закажал за 12 јуни годинава.
Како што пишува порталот, во известувањето до Синодот пишува дека Архиепископот го предлага јеромонахот Георгиј за ракополагање во епископски чин и избор на митрополит на Дебарско-кичевската епархија.

Оваа епархија остана без надлежен митрополит откако пред половина година почина г. Тимотеј, кој воедно беше и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА.
Отец Георгиј е поранешен декан на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и ексамбасадор во Ватикан, Ѓоко Ѓоргевски.
Тој е редовен професор на Богословскиот факултет, каде што предава предмети од областа на Старозаветната теологија, вклучувајќи Библиска историја и археологија, Вовед во Стариот Завет и Егзегеза на Стариот Завет.
Замонашен е пред два дена на 27 мај годинава. Следниот ден на 28 е избран за јероѓакон, а денеска за јеромонах.
Според предлогот на Архиепископот, после 16 дена од замонашувањето, на 12 јуни треба да биде избран за епископ и за митрополит.