Во врска со првото обвинение, како што соопштија од ОЈО ГОКК на брифинг со новинарите, со него се опфатени две групи. Првата е Беланоца-Барон, а на сега веќе обвинетите на товар им се ставаат четири убиства од кои две двојни. Втората група, која нема препознатливо име во подземјето, а такво не произлезе ниту од денешниот брифинг во ОЈО ГОКК, се гони за три убиства од кои едно двојно
Што се однесува до обвинението за групата на Раде Трајковски-Штекли, во него 10 лица се обвинети за трговија со дрога. Продавале кокаин и марихуана на територијата на Скопје
Две обвинија против организатори, извршители и помагачи на три криминални групи кои со години сееле страв во македонското подземје поднесе Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Станува збор обвинителски епилог за истраги што изминатиов период ги водеше ова ОЈО ГОКК, а за кој од ова Обвинителство информира денеска на брифинг со новинарите.
Имињата на дел од криминалните групи и некои од првообвинетите за кои стана збор изминатиот период веќе ги полнеа содржините на информативните изданија и ѝ се познати на јавноста.
Едната од нив е групата Беланоца-Барон, а другата онаа на Раде Трајковски-Штекли.
Двете се опфатени со различни обвиненија бидејќи кривичните дела што ги вршеле се различни.
Имено, како што беше кажано на брифингот, со едно обвинение се опфатени лица од групата Беланоца-Барон, како и уште една криминална група која не е именувана. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на овие две групи се убиства, изнуда и тешки дела против општата сигурност.
„Извршители се и на други кривични дела, но фокусот го насочивме кон најтешките за кои обезбедивме докази“,
беше речено на брифингот.
Групата на Раде Трајковски-Штекли, пак, е обвинета за продажба на кокаин и марихуана на територијата на Скопје.
Во врска со првото обвинение, со него, како што соопштија од ОЈО ГОКК, се опфатени две групи.
Убиствата и мотивите
Првата беше потврдено дека е Беланоца-Барон, а на сега веќе обвинетите од неа на товар им се ставаат четири убиства од кои две двојни. Како позвучни ликвидации кои изминатите години ја потресоа јавноста, а се нарачани и извршени од оваа група, беа посочени она во угостителскиот објект „Шиша бар“ што се случи на почетокот на март 2023 година. Другото е убиството на Орхан Бајрами-Оки во Ханиоти во Грција. Орхан Бајрами-Оки беше убиен кон средината на јули 2023 година. Тој формално беше претставуван како сопственик на казино и вклучен во бизниси со трговија на пијалаци, но од медиумите беше означен и како неформален водач на криминалната група Дуќанџик од селото Грчец кои важат за ривалска група на Беланоца-Барон.
Втората група, која нема препознатливо име во подземјето, а такво не произлезе ниту од денешниот брифинг во ОЈО ГОКК, се гони за три убиства од кои едно двојно.
Како и во случајот со Беланоца-Барон, и оваа група, која, како што можеше да се разбере на брифингот, била координирана од затвор, односно местото каде што нарачателите на тешките кривични дела ги нарачувале ликвидациите.
Тројца од обвинетите од оваа група се во бегство.
Како момент од истрагата што беше посочен од ОЈО ГОКК во врска со оваа група е што едно од лице што преживеало обид за негова ликвидација ги препознало и ги посочило дел од обвинетите.
Во текот на истрагата против двете групи, како што информираа од ОЈО ГОКК, биле користени посебни истражни мерки, меѓу кои и следење на нивната комуникација, што во голема мера помогнало да се открие поврзаноста на инволвираните лица и делата за кои се товарат.
Во одговор на новинарско прашање на брифингот беше кажано дека за комуникација групата најчесто ја користела апликација Снапчат.
Покрај за убиствата, од Обвинителството велат дека обезбедиле докази и за инволвираноста на групите во палење на објекти, а следената комуникација на истражните органи има ги открила и плановите за други кривични дела.
Инаку, палењата на објектите биле вршени за да им дадат до знаење на своите жртви дека се сериозни во намерите за вршење на кривичното дело изнуда.
„Палењата ги нарачува лице од затвор, а ги извршуваат млади лица за мали пари“,
беше кажано на брифингот.

Мотивите за убиствата, пак, биле најразлични, но преовладуваат оние извршени во битката за превласт со ривалските банди. Во еден од случаите мотив за убиство биле искажаните пцости на жртвата кон организаторот на ликвидацијата.
Неколкумесечната истрага на Обвинителството на крајот резултирала со обвинение против девет лица од двете групи, односно Беланоца-Барон и другата која нема име. Од нив, како што беше кажано, седум биле во бегство, но бројката се сменила вчера кога е уапсен едно лице, кое се товари за кривичното дело изнуда.
Инаку, од ОЈО ГОКК попладнево и официјално информираа за поднесениот обвинителен акт. Во соопштението оттаму се наведени во детали убиствата за кои се товарат обвинетите од групата Беланоца-Барон, како и мотивите за нивното извршување.
- Според прибраните докази дел од обвинетите се поврзани со следните убиства извршени по налог и организација на групата:
- Убиство на Ибраим Ајдини во август 2020 година. Првообвинетиот во име на радикалното движење понудил и платил 10 000 евра за убиството, мотивиран од сомнение дека жртвата соработувала со институциите во предметот „Монструм“. Жртвата била застрелана во својот дом, со истрел во главата. Извршителите ги отстраниле доказите и побегнале.
- Убиството на Џелал Ибраими – јануари 2023. Организирано од групата како одмазда за лична навреда кон првообвинетиот. Убиството е извршено во домот на жртвата, со повеќе истрели. Исплатени се 20 000 евра на учесник во нападот.
- Двојно убиство на Јетон Кривањева и Енес Исеинов – март 2023, извршено како одмазда за претходни убиства. Првообвинетиот обезбедил 250 000 евра и конкретни насоки. Нападот бил особено суров, извршен во деловен објект, со пукање од непосредна близина. Напаѓачите потоа го запалиле возилото и добиле логистичка поддршка за бегство.
- Убиството на Орхан Бајрами (Оки) – јули 2023, извршено во Грција, во луксузен ресорт. Жртвата била следена преку легални и илегални премини. Нападот бил извршен од двајца маскирани напаѓачи кои испукале 19 куршуми, нанесувајќи три смртоносни рани на жртвата и тешко ранувајќи друго лице.
- Во 2021 година, шестообвинетиот со двајца осомничени формирале нова криминална група, фокусирана на убиства од одмазда и ликвидација на членови од други криминални структури и тоа:
- Убиство на Камер Идризи (Бундес) – мај 2021, извршено од шестообвинетиот и други лица, со 57 испукани куршуми. Жртвата била цел на одмазда за смртта на роднина на еден од организаторите.
- Убиство на Абдуљ Бастри Ибраимовски – јули 2024, извршено поради нарушени односи и претходни конфликти. Во нападот биле користени автоматски пушки. Жртвата починала, а другото лице било тешко рането, а подоцна починало.
- Убиство на Ибраим Исмаили Абиц, извршено во Сингелиќ од првообвинетиот, неговиот брат и осмообвинетиот. Биле испукани 65 куршуми.
Користени посебни истражни марки
Што се однесува до обвинението за групата на Раде Трајковски-Штекли, во него 10 лица се обвинети за трговија со дрога. Продавале кокаин и марихуана на територијата на Скопје.
Инаку, Трајковски беше приведен на 19 јануари годинава, а следниот ден му беше одреден и 30-дневен притвор, кој Обвинителството со поднесеното обвинение бара да му биде продолжен.
Од ОЈО ГОКК потсетија дека истрагата против оваа група почна со 15 осомничени, за на крајот да стигне до 17 лица. Бројката од 10 лица во обвинителниот акт е затоа што во меѓувреме седум од осомничените се спогодиле со Обвинителството и добиле затворски казни од три до три години и шест месеци затвор зависно од степенот на инволвираност во кривичните дела.
Како и во истрагата против криминалните групи што вршеле убиства за кои е предвидена казна затвор од најмалку 10 години до доживотен затвор, и во онаа против групата на Раде Трајковски-Штекли биле користени посебни истражни мерки.
„Во периодот од јануари 2024 до јануари 2025 година обвинетите како повеќе лица се здружиле во криминална група која на територијата на град Скопје се занимавала со неовластена трговија со наркотични дроги – кокаин и марихуана. Врз основа на прибавените докази во истражната постапка утврдено е дека групата била јасно структурирана и имала строго дефинирани улоги меѓу членовите – од набавка и складирање, до пакување, транспорт и продажба на дрогата. Дрогата била складирана во специјално изнајмени станови, а потоа во помали количини дистрибуирана и продавана на наркопазарот, по утврдени цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Парите од продажбата се предавале на првообвинетиот кој како награда дел од парите им давал на останатите обвинети, а воедно им давал и насоки за проширување на мрежата на препродавачи. Членовите на групата користеле мрежа на препродавачи и посредници од кои седуммина опфатени во овој предмет ја признаа вината и се спогодија со обвинителството и притоа добија затворски казни“,
соопштија и официјално од ОЈО ГОКК доцна попладнево.

Одговарајќи на новинарско прашање од Обвинителството на брифингот, рекоа дека досега истрага не дошла до докази кои укажуваат на поврзаност и директна соработка меѓу групата Беланоца-Барон и групата на Раде Трајковски-Штекли.
За потсетување, Трајковски изминатите две години преживеа неколку обиди за негова ликвидација. Во него беше пукано во трговски центар, а беше фрлена и експлозивна направа во дворот од од неговиот дом во скопската населба Ќерамидница.
Инаку, како што беше посочено, во истрагите во голема мера помогнале меѓународната правна помош и каналите за комуникација и размена на податоци. Таков бил случајот со расчистувањето на убиството во Ханиоти, каде што македонските истражни органи добиле квалитетни материјали, податоци и докази од своите грчки колеги.
По поднесувањето на обвиненијата сега не потег е Основниот кривичен суд Скопје, кој треба да ги одобри обвиненијата.
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција очекуваат постапката пред судот да биде долга, бидејќи станува збор за обемен предмет, но веруваат дека судењето ќе тече во континуитет и ќе резултира со осудителни пресуди.