Нашиот молк е гласот на оние што трагично заминаа во огнот. Молк што зборува повеќе од илјада зборови, порачаа родителите на загинатите во пожарот во „Пулс“
Со фотографии од загинатите во пожарот, родителите и блиските на настраданите во Кочани одржаа уште еден протестен собир под називот „Марш на ангелите“. Маршот почна во 16 часот од Паркот на револуцијата, по што се упатија кон Трговскиот центар и општинската зграда, а потоа кон полициската станица , Обвинителството и Основниот суд.
„Марш на ангелите“, Кочани/ Фото: Принтскрин
Пред судот, родителите испратија заедничка порака за правда и поголема ажурност на институциите.
„Нашиот молк е гласот на оние што трагично замина во огнот. Молк што зборува повеќе од илјада зборови. Ама нема да трае вечно како вашето судење“,
порачаа родителите.
„Марш на ангелите“, Кочани/ Фото: Принтскрин
Од Јавното обвинителство на РСМ денеска соопштија дека семејствата на жртвите во пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани следните денови ќе бидат сослушани од страна на јавните обвинители што постапуваат во истрагата за овој случај. На овој начин, како што објаснуваат од Обвинителството, семејствата ќе можат да ги остварат своите права како оштетени и да се приклучат кон кривичниот прогон, како и директно да се информираат за текот и фазата во која се наоѓа постапката, но и да кажат свои сознанија за настанот.
„Во следните два дена, Обвинителството, во соработка со волонтерите од ‘Супорт Кочани’, ќе ги контактира блиските на починатите за да се утврди времето и местото во кое можат да го остварат своето право. Сослушувањата ќе се вршат согласно утврден распоред од 27 мај (вторник) до 29 мај (четврток) во просториите на Јавното обвинитеелство во договор со оштетените“,
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски пред два дена рече дека истрагата што се води за трагичниот настан во Кочани треба да заврши за десетина дена, по што додаде дека одбраната ќе има можност за увид во доказите.
Во пожарот во т.н. дискотеката во Кочани, што се случи рано изутрина на 16 март, животот го загубија 62 лица, а со повреди се здобија околу двесте.