Претседателката од вчера престојува во Рим, каде што ја предводи македонската државна и црковна делегација по повод Денот на сесловенските просветители
Да го чуваме споменот на Светите Кирил и Методиј и преку нивните дела да ја зацврстиме заложбата за градење на општество засновано на знаење, меѓусебно почитување и достоинство, се вели во честитката што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја упати по повод 24 Мај.

„Овој ден е силен потсетник за трајната вредност на нивната мисија – вредност чии корени лежат длабоко во културата, знаењето и духовната сплотеност. Светите Кирил и Методиј ни ја подарија не само глаголицата, туку со неа изградија силен сесловенски културен и цивилизациски темел што продолжува да го потпира нашиот идентитет и до ден-денес“,
вели претседателката.
Преку нивната посветеност и визија, како што посочува, го отворија патот кон писменоста и учењето на сопствен јазик – дар што омоќи многу генерации и го зачува нашиот глас низ вековите.
„Нека овој ден нè поттикне и понатаму да се гордееме со нашето културно и духовно наследство, да го чуваме, збогатиме и да им го предадеме на идните генерации изворот на знаењето што ни го дале нам нашите предци, а ним Светите Кирил и Методиј – секогаш чист, секогаш постојан, вечно жив“,
стои во честитката на Сиљановска-Давкова.
Претседателката од вчера престојува во Рим, каде што ја предводи македонската државна и црковна делегација по повод Денот на сесловенските просветители.
Како што информираат од нејзиниот кабинет, таа денеска ќе ја посети базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде што ќе положи венец на спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј и ќе го посети гробот на папата Франциск.
Во рамките на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, што ќе се одржи вечерва, таа ќе присуствува на концертот „Македонисимо“ на Симон Трпчески, настан во организација на македонското Министерство за култура.