Со ова, според ВЛЕН, Муса покажала висок политички и институционален интегритет во чувствителен период за албанската политичка сцена во земјата

Коалицијата ВЛЕН, која е дел од власта, ја поздрави одлуката на пратеничката Мимоза Муса да ја напушти Алијанса за Албанците на Арбен Таравари. За постапката на Муса, од ВЛЕН изразуваат благодарност за, како што велат, принципиелниот и непоколеблив став на пратеничката.
Со ова, според ВЛЕН, Муса покажала висок политички и институционален интегритет во чувствителен период за албанската политичка сцена во земјата.
„Пратеничката Муса, избрана претставничка од редовите на Алијансата за Албанците, остана лојална на волјата на 107 илјади албански граѓани кои му дадоа доверба на овој коалиционен блок со цел да донесе промени и да отвори ново поглавје на чесно политичко претставување“,
велат од ВЛЕН во соопштението испратено вечерва.
Тие велат дека нејзиниот став е јасен доказ дека претставувањето во Собранието не е само политички мандат, туку мисија во служба на граѓаните, на вистината и на стремежот за длабока реформа на албанската политика.
„ВЛЕН потврдува дека единството, принципите и лојалноста кон граѓаните се темелот врз кој ќе ја изградиме нашата политичка иднина. Нашите пратеници, без исклучок, се обврзани да ги застапуваат граѓанските интереси и да се држат далеку од каков било компромис што е во спротивност со волјата на слободниот глас“,
додаваат од ВЛЕН.
Реакцијата на ВЛЕН доаѓа откако вечерва пратеничката Мимоза Муса во објава на својот фејсбук-профил соопшти дека ја напушта партијата Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари.
Во објавата Муса додава дека нема да ја изневери довербата на гласачите и вели дека ќе му служи со достоинство и одговорност на секој гласач кој им ја дал довербата на 8 мај, пред една година.
Муса е втор пратеник што си заминува од Алијанса за Албанците. Претходно тоа го направи и Салим Сулејмани, кој си поднесе оставка како пратеник и од партиските функции во Алијанса за Албанците.
Од Алијанса за Албанците си замина и актуелниот вицепремиер за добро владеење Арбен Фетаи, кој на функцијата беше назначен како кадар од таа партија.
По вечерашната објава на Муса, со коментар на Фејсбук се огласи Фетаи, кој ѝ се заблагодарува на својата сопартијка за цврстиот став.