Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) издаде итно предупредување соопштувајќи дека е активиран систем за испраќање итни СМС-информации до граѓаните. Предупредувањето се однесува на силни грмотевици со дожд, град и ветер, кои се очекуваат во областа на Белград

Силно невреме проследено со ветер, град и обилни дождови го зафати денеска Белград, оставајќи поплавени улици и автопатишта и предизвикувајќи огромен сообраќаен хаос.
На социјалните мрежи се појавија бројни видеа од денешната слика во Белград, на кои може да се види дека автопатот е целосно под вода, а поплавени се и многу улици низ главниот град на Србија. Како што пренесува српскиот медиум „Н1“, во Раковица преминот кај железничката станица е исто така под вода, а на Авала паднал град со големина на лешник.
Медиумите пренесуваат дека невремето не го поштедило ниту Панчево, каде што исто така имало појава на град.
Сообраќајот на централната крстосница Славија бил значително отежнат, со голем број автомобили и автобуси на градскиот превоз кои стоеле во место. Полициски и возила на итната помош биле блокирани во метежот. Застој или забавување на сообраќајот имало и на сите споредни улици кои водат кон Славија, а голем број граѓани биле заглавени на автобуските станици.
Невремето погоди неколку места во околината на Белград, но и цела Србија.
До пожарникарите имало голем број повици од граѓани што биле заглавени во возилата поради големата количина вода на улиците.
Влатко Ристиќ од противпожарната и спасувачка бригада на Белград во изјава за РТС вели дека во текот на попладнето добиле многу повици од различни делови на градот поради последиците од невремето.
Тој апелира до сите да бидат внимателни додека трае невремето.
Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) издаде итно предупредување, соопштувајќи дека е активиран систем за испраќање итни СМС-информации до граѓаните. Предупредувањето се однесува на силни грмотевици со дожд, град и ветер, кои се очекуваат во областа на Белград.
Поради врнежи и грмотевици, во поголемиот дел од Србија е во сила црвена временска тревога.
Портокалово временско предупредување е во сила во Белград, Срем и Бачка, додека црвена тревога е прогласена за областите Банат, Западна Србија, Шумадија, Поморавље и Источна Србија.
Жолтата тревога е во југозападна и југоисточна Србија.