Владата преку соопштение попладнево информираше дека ја донела Уредбата со законска сила за издавање на ваучери на вработени лица со низок доход наменети за домашен туризам.
„Ваучерот за туризам, со номинална вредност од 6 000 денари (100 евра) издаден од Министерството за економија, ќе го добијат вработени лица со низок доход заради плаќање на искористена туристичка и угостителска услуга на сместување или услуга на сместување и исхрана во категоризирани угостителски објекти за сместување, преку даватели на туристички услуги, регистрирани вршители на туристичка дејност“,
пишува во краткото соопштение од Владата.
Овој ваучер е дел од третиот пакет економски мерки.
Кога беше промовиран пакетот пред десетина дена премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција рече дека околу 100 000 граѓани ќе може да добијат ваучери за домашен туризам во вредност од 6 000 денари и платежна картичка од 3 000 денари. Ваучерот ќе може да се користи во домашни хотели и други сместувачки капацитети, а платежната картичка за домашни производи и услуги.
„Со ова се опфатени сите вработени кои примаат нето-плата помала од 15 000 денари и немаат други приходи во 2018 година според годишната даночна пријава во УЈП“,
рече Спасовски на 17 мај.
Мерката за туризам, според тогашната негова презентација, е во вредност од 16 милиони евра.
