Како што посочи тој, ова е најголемиот договор што државата го потпишала во својата историја во економската сфера
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и британскиот министер за економија и извоз Герет Томас денеска во Лондон го потпишаа договорот во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни објекти, со кој земјава добива можност за заем од пет милијарди фунти за реализација на капитални проекти.

„Стратешкото партнерство со Обединетото Кралство го гледаме како нешто што ќе ја доведе Македонија до едно ново ниво. Денеска потпишуваме договор меѓу двете влади, што го нарекуваме меѓувладин договор, за развој на инфраструктурни проекти во клучни сектори како што се транспорт, образование, животна средина, информатичка технологија, како и други сектори коишто ќе ги развиваме, тука е здравството и образованието, и ќе продолжиме да соработуваме во претстојниот период“,
изјави Николоски по потпишувањето.
Како што посочи тој, ова е најголемиот договор што државата го потпишала во својата историја во економската сфера.
„Ова го гледаме како одлична можност да се развива целата држава. Веќе имаме три проекти коишто се подготвени, тоа е проектот за брзата железница, Коридор 10, здравствениот проект за болници, секако, проектот за образование, за Медицинскиот факултет, а во претстојниот период ќе бараме нови проекти во секторите за енергетика и животна средина, но секако и други проекти. Она што е уште поважно за нас е дека ќе го искористиме искуството, но и најдобрата експертиза од британската јавна администрација, како и британскиот бизнис-сектор, со што нашата администрација и нашиот бизнис-сектор ќе дојдат до едно сосема ново ниво“,
истакна Николоски.
Британскиот министер Томас посочи дека двете држави имаат силни билатерални односи како сојузници во НАТО и оцени дека ова ново партнерство е значителен чекор напред во идната трговија меѓу двете земји.
„Меѓувладиниот договор ќе поддржи испорака на клучни проекти, прво со фокус на модерни и здравствени установи и пристап до здравствени услуги. Секако, тука е новата железница, со што ќе се намали времето на патување и за луѓето и за стоките. Инфраструктурните инвестиции знаеме дека се клучни за да се поттикне економскиот раст и да се подобри животот на граѓаните. Знам дека е тоа наша заедничка цел, за нашите влади се разбира и ова партнерство е новиот темел за поддршка на таквата испорака за да се поттикне растот, да се споделат најдобрите пракси меѓу нашите две нации и секако нашите меѓусебни односи да се издигнат на едно ново ниво“,
нагласи британскиот министер Томас.
Македонската влада завчера го усвои текстот на договорот откако премиерот Христијан Мицкоски и неговиот британски колега Кир Стармер постигнаа согласност за стратешко партнерство на средбата одржана во рамки на Самитот на Европската политичка заедница во Тирана.