Јарон Лишински и Сара Милграм, вработени во израелската амбасада во Вашингтон, беа застрелани во центарот на главниот град на САД. Тие беа убиени додека излегувале од настан во Еврејскиот музеј во Вашингтон
Европските лидери го осудија убиството на двајца вработени во израелската амбасада пред Еврејскиот музеј во Вашингтон. Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами изјави дека е ужаснат и додаде дека Велика Британија го осудува одвратниот, антисемитски злочин.

И официјален Париз го осуди убиството, нарекувајќи го одвратен чин на антисемитско варварство.
Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро истакна дека ништо не може да го оправда таквото насилство.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц го нарече гнасен чин, најстрого го осуди и рече дека во моментов мора да претпоставиме дека постоел антисемитски мотив.
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани изјави дека неговата земја стои со Израел, осудувајќи ги сцените на терор и насилство.
Претходно високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас изјави дека е шокирана од убиството на двајца вработени во израелската амбасада во Вашингтон.
„Нема и не треба да има место во нашите општества за омраза, екстремизам или антисемитизам. Го изразувам моето сочувство до семејствата на жртвите и народот на Израел“,
напиша Калас на социјалната мрежа Икс.
Јарон Лишински и Сара Милграм, вработени во израелската амбасада во Вашингтон, беа застрелани во центарот на главниот град на САД. Тие беа убиени додека излегувале од настан во Еврејскиот музеј во Вашингтон.
Осомничениот за убиството е идентификуван како Елиас Родригез (30) од Чикаго, пренесува Еј-би-си њуз.
Откако е приведен, како што изјави шефицата на полицијата на Вашингтон, Памела Смит, осомничениот скандирал „Слободна Палестина“.