Поголемиот син на премиерот се најде во центарот на вниманието кога со својот татко се појави за време на неговата посета на Вашингтон во јули 2024 година, кога се одржуваше НАТО-самитот

Синот на премиерот Христијан Мицкоски, денеска слави матура, а веста на својот фејсбук-профил ја објави токму Мицкоски. Тој му порача на синот дека од октомври ќе се гледаат на Машинскиот факултет, каде што тој работи како професор.
„Синко среќна матура и добре дојде во новото поглавје преполно со предизвици. Секогаш со свои сили минувај низ сите препреки, нема да е лесно, ќе биде тешко, но сигурен сум дека ќе ги совладуваш. Од октомври се гледаме на Машински“,
напиша Мицкоски на Фејсбук.
Поголемиот син на премиерот се најде во центарот на вниманието кога со својот татко се појави за време на неговата посета на Вашингтон во јули 2024 година, кога се одржуваше НАТО-самитот. Антикорупциската комисија во октомври истата година утврди дека 18-годишниот Јован сам си платил и за авионските карти и за хотелското сместување, односно дека не бил дел од владината делегација и не патувал на државна сметка.
Од Антикорупциската комисија констатирале дека Јован Мицкоски престојувал во апартмани, а не во хотелите каде што била сместена државната делегација, а фактурите за сместувањето во апартмани биле на име на физичко лице. Синот на премиерот не бил дел од официјалната делегација и не присуствувал на ниту еден официјален состанок или средба, туку само на предавањето на својот татко.