Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека се вршат претреси на пет локации, но повеќе детали за тоа каде се спроведува акцијата од МВР не соопштуваат

Од утринава во тек е нова полициска акција и се вршат претреси на повеќе локации.
Полициски екипи под раководство на предметен обвинител што постапува во предметот под кодно име „Бункер“ вршат претреси на пет локации во Скопје, информираат од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Акцијата, како што додаваат од ОЈО ГОКК, е резултат на докази што се обезбедени во рамки на истражната постапка против членовите на криминалната група Беланоца-Барон.
Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека се вршат претреси на пет локации, но повеќе детали за тоа каде се спроведува акцијата од МВР не соопштуваат.
Од Обвинителството повеќе информации за денешната акција најавуваат во текот на денот.
Во декември минатата година од ОЈО ГОКК информираа дека вкупно 18 лица, членови на криминалната група Беланоца-Барон, се осомничени во акцијата што ја спроведуваа со МВР на повеќе локации во скопските општини Чаир, Арачиново, Шуто Оризари, Бутел и Студеничани.
Тие се товарат за тешки кривични дела – од убиства, злосторничко здружување до тешки дела против општата сигурност и изнуда. На товар им се ставаат повеќе убиства извршени изминативе години, дел по нарачка, а дел како одмазда. Дополнително, членовите на групата се осомничени дека стојат и зад палење на објекти и возила на територијата на Скопје, како начин за изнуда на пари, што се одвивала на месечно ниво.
Како што тогаш информираа, биле извршени претреси на 30 локации и биле пронајдени поголеми износи на пари, злато, огнено оружје и други предмети.
Во тогашната акција, според Обвинителството, се уапсени четири лица, а едно самото се пријавило во полициска станица.