Измените на ИЗ што беа донесени лани, а сега се укинуваат со одлука на Уставниот суд, предвидуваа независните кандидати за пратеници, советници или градоначалници да соберат еден процент граѓански потписи од вкупниот број запишани гласачи во конкретната изборна единица или општина каде што се кандидираат, наместо дотогашните 1 000 потписи независно од бројот на регистрирани избирачи
Уставниот суд ги укина членовите од Изборниот законик со кои се зголемија квотите на граѓански потписи кои требаше да ги соберат независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори. Корпусот на измени на Изборниот законик, меѓу кои и овие, беа донесени во март минатата година, во пресрет на ланските претседателски и парламентарни избори, а требаше да важат и за овогодинешните локални избори.

Со одлуката на Уставниот суд од денешната седница се укинуваат членовите 17 и 18 од измените на Изборниот законик со кои се направи промена во членовите 61 и 62 од ИЗ, а кои се однесуваат на бројот на граѓански потписи кои треба да ги соберат независните кандидати за да се кандидираат на избори.
Измените на ИЗ што беа донесени лани, а сега се укинуваат со одлука на Уставниот суд, предвидуваа независните кандидати за пратеници, советници или градоначалници да соберат еден процент граѓански потписи од вкупниот број запишани гласачи во конкретната изборна единица или општина каде што се кандидираат.
Пред измените, за учество во изборните циклуси независните кандидати требаше да соберат најмалку 1 000 потписи, независно од бројот на регистрирани гласачи во изборната единица или општината.
Судијата известител за овој предмет изрази сомнеж за ваквите измени од уставна гледна точка, односно дека со нив се повредени темелните вредности на Уставот, правната сигурност и предвидливост, начелото на владеењето на правото, а дека дополнително постои сомнеж за нарушување на политичкиот плурализам.
Подносители на иницијативата до Уставниот суд со која се оспорија измените на Изборниот законик се Лилјана Поповска и група граѓани, преку полномошник, адвокатската канцеларија „Петрушева“ од Скопје.