Прашан дали во рамки на стратешкото партнерство може да се очекува и олеснување на визниот режим за македонските граѓани, британскиот амбасадор истакна дека во моментов притисоците од мигрантите во Обединетото Кралство се навистина големи, но ова е нешто за што може да се разговара во рамките на стратешкото партнерство
Британскиот амбасадор во државава Метју Лосон, денеска на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски на која го претставија Договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и Обединетото кралство, ги демантира информациите кои се појавија во некои медиуми дека во земјата ќе се градат кампови за мигранти.

„Суштината на ова стратешко партнерство се инвестиции, раст на економијата, работење заедно за заемна корист и на веќе одличното трговско партнерство. Драго ми е што земјата се согласи дека ќе се приклучи на заедничката мисија во однос на мигрантите, но тоа ќе се однесува на полициските сили коишто ќе работат заедно, соочување со криминалните банди, подобро споделување на разузнавачки информации и ова го правиме со повеќе европски земји. Не се работи за тоа дека ќе се прифаќаат мигранти од Британија. Ова е широко партнертство во однос на безбедноста, трговијата, одбраната, инвестициите. Знам дека има многу шпекулации во медиумите на оваа тема, но овде не се работи за тоа“,
изјави Лосон одговарајќи на новинарски прашања.
Прашан дали во рамки на стратешкото партнерство може да се очекува и олеснување на визниот режим за македонските граѓани, британскиот амбасадор истакна дека во моментов притисоците од мигрантите во Обединетото Кралство се навистина големи, но ова е нешто за што може да се разговара во рамките на стратешкото партнерство.
„Ќе продолжиме да зборуваме за сите овие прашања, но сметам дека политички за нас во моментов е навистина тешко, особено кога станува збор за миграцијата, и токму таму се рефлектира и врз визниот режим дури и со мошне блиски партнери како Северна Македонија. Но, ова стратешко партнерство може само да помогне да се продлабочат односите, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите“,
рече амбасадорот Лосон.