Како што истакна тој, договорот ќе биде основа и фундамент на инвестициски циклус кој ќе има вкупна рамка од пет милијарди фунти, односно шест милијарди евра
Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство претставува втор столб на нашата меѓународна позиционираност по стратешкото партнерство со САД. Тој е потврда дека нашата држава чекори по патот на стабилноста, безбедноста, развојот и европската иднина, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешната заедничка прес-конференција со британскиот амбасадор во земјава Метју Лосон.

Како што истакна тој, договорот ќе биде основа и фундамент на инвестициски циклус кој ќе има вкупна рамка од пет милијарди фунти, односно шест милијарди евра.
„Дел од парите ќе бидат за инвестиции во инфраструктурата, изградба на модерна карго и брза патничка железница од Табановце до Гевгелија, инвестици во здравстото и нови болници, завршување на проектот на Клиничката болница во Штип, заедно со зградата на новиот Медицински факултет, студентски дом со капацитет од 900 легла, изградба на болницата во Кичево, заедно со здравствен дом, реконструкција на Клинилката болница во Тетово. Во наредните денови ќе се потпишат договори и за овие инвестиции“,
рече Мицкоски.
Британскиот амабсадор во земјава оцени дека договорот е врвен момент во билатералната врска меѓу двете земји, изградена на заедники вредности, заедничко членство во НАТО и мошне богата трговска врска.
„Ние сме големи инвеститори и британската влада реши да го надградува тоа преку договор меѓу двете влади кој се фокусира на трговија и инвестиции за да се креира поголем раст и стотици милиони фунти од кои граѓаните на оваа земја ќе имаат корист заедно со граѓаните на нашата земја“,
рече Лосон.
Прашан за условите за најавените инвестиции, Мицкоски рече дека се работи на деталите.
„Ги знам отприлика бидејќи веќе се преговара со месеци и можам да кажам дека се најдобрите што може да ги има на пазарот, но тоа сè уште не е финиширано, не е конечно иако сме блоску до конечно решение. Многу скоро од денеска и тоа ќе биде објавено“,
рече Мицкоски.
Мицкоски и британскиот премиер Кир Стармер вчера на средба во Тирана, одржана во рамките на Самитот на Европската политичка заедница, оценија дека договорот за стратешко партнерство ќе значи уште посилна соработка, поцврсти односи и можност за продлабочување на односите.
Договорот е резултат на повеќемесечни интензивни преговори меѓу дипломатски и експертски тимови од двете страни. Тој се оценува како историски и се очекува да отвори нови перспективи за соработка во клучни области како безбедноста, економијата, инвестициите, образованието, дигиталната трансформација и климатските промени.
Со потпишувањето на договорот, Македонија треба да добие пристап до британска експертиза, финансиска поддршка за реформи и можности за британски инвестиции во стратешки сектори како енергетиката, инфраструктурата и иновациите. Дополнително, соработката ќе опфати и засилен политички дијалог, како и координација во рамките на меѓународните институции и глобалните безбедносни предизвици.