Лицето кон кое било пукано, а кое како и напаѓачот е странски државјанин, им подлегнало на повредите и по наредба на јавен обвинител од ОЈО Штип неговото тело е дадено за обдукција
Инаку, дел од медиумите синоќа неофицијално објавија дека напаѓачот во драматична бркотница бил гонет од полицијата по автопатот кон Скопје, а во обидот да го запрат наводно пукале кон автомобилот со кој тој бегал
Напаѓачот кој синоќа во кафуле во Штип со пиштол застрела едно лице, кое им подлегнало на повредите, е сè уште во бегство и во тек се активности за негово пронаоѓање, соопштија утрово од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Како што информираат оттаму, напаѓачот и жртвата се идентификувани и станува збор за странски државјани.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство ноќеска извршил увид во кафе барот каде случи вооружениот инцидент, од каде се подигнати чаури и други предмети кои ќе се вештачат.
Телото на починатиот, по наредба на јавниот обвинител е дадено за обдукција.
„Од лице место подигнати се чаури и други траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телото на починатиот е дадено за обдукција. Обезбедени се и прегледани снимки од видео надзор. Се преземаат и други дејствија за обезбедување докази, а увидните дејствија на локацијата ќе продолжат и денеска. Јавниот обвинител во текот на ноќта издаваше повеќе насоки и наредби за пронаоѓање на сторителот кој е во бегство“,
се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
Министерството за внатрешни работи (МВР) синоќа информираше дека инцидентот во СВР Штип бил пријавен во 21:30 часот.
Штипската телевизија Стар на својата Фејсбук страница објави снимка од вооружениот инцидент на која с се гледа како осомничениот отвора оган од пиштол.
Според телевизијата, осомничен за пукањето е Бедри Полат кој е во бегство.
Неофицијално и тој и жртвата се турски државјани.
По пукањето, жртвата, според полицијата, со возило на Итната медицинска помош било пренесено во штипската болница.
Засега нема прецизни информации дали лицето во кое било пукано им подлегнало на повредите во болницата.
Инаку, дел од медиумите синоќа неофицијално објавија дека напаѓачот во драматична бркотница бил гонет од полицијата по автопатот кон Скопје, а во обидот да го запрат наводно пукале од службеното оружје кон автомобилот со кој тој бегал.
Според неофицијалните информации на порталот 24.мк, автомобилот бил забележан пред патарината кај скопското село Миладиновци. Напаѓачот не запрел на полицискиот знак, ја пробил рампата на патарината и продолжил да вози со голема брзина.
Полицајците, неофицијално отвориле оган кон автомобилот, во обид да го запрат.
Автомобилот марка „бе-ем-ве“, со кој бегал осомничениот, наводно е пронајден на неколку километри од Скопје, во близина на Технолошко-индустринската развојна зона (ТИРЗ).
Штипската телевизија објави видео, снимено од автомобил кој чека на наплатна рампа, а за кое се тврди дека сведочи за полициската потера по осомничениот за пукањето во Штип.
Од Министерството за внатрешни работи за денеска најавија соопштение во врска со настанот.