Германскиот претседател посочи дека фасцинацијата со авторитаризмот и популистичките искушенија сѐ повеќе земаат замав и во Европа, при што сè почесто се изразуваат сомнежи за демократијата

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во денешниот говор пред германските парламентарци за време на комеморативната церемонија по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна, предупреди на последиците од изолационизмот и национализмот.
„Знаеме каде води изолацијата, каде води агресивниот национализам и презирот кон демократските институции. Веќе еднаш ја изгубивме демократијата во Германија. Да веруваме во нашето искуство! Да застанеме во одбрана на нашите вредности. Да не се замрзнеме во страв“,
изјави претседателот во обраќањето пред Долниот дом на германскиот парламент.
Штајнмајер нагласи дека Соединетите Американски Држави во моментов го доведуваат во прашање меѓународниот поредок изграден по Втората светска војна, пренесува ДПА.
Тој додаде дека политиките на Вашингтон и целосната инвазија на Украина од страна на Москва претставуваат двоен дисконтинуитет со историјата.
Германскиот претседател посочи дека фасцинацијата со авторитаризмот и популистичките искушенија сѐ повеќе земаат замав и во Европа, при што сè почесто се изразуваат сомнежи за демократијата. Во Германија, според него, екстремистичките сили што ги исмеваат демократските институции и нивните претставници стануваат сѐ посилни.
Годишнината се одбележува само два дена откако новата германска влада под водство на конзервативниот канцелар Фридрих Мерц стапи на должност, при што екстремно десничарската и антиимигрантска партија Алтернатива за Германија е најголема опозициска сила.