За евентуална коалиција со ДУИ, Филипче рече дека ќе разговараат со сите политички партии, но и дека имплементираат „научени лекции од претходните коалиции што на некој начин имиџот на СДСМ го оштетија“

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, коментирајќи ги односите во владејачката коалиција вели дека таа не се темели на никакви вредности и нема никаква идеја и визија како да ја води државата напред.
„Тоа што се случува во владината коалиција укажува само на една работа, а тоа е дека единствена работа што ги води партиите во таа коалиција се нивни теснопартиски, а вчера и завчера видовме и финансиски интереси. Таква коалиција што не се темели на никакви вредности и нема никаква идеја и визија како да ја води државата напред, а за тоа сведочиме секој ден, осудена е на само една работа, а тоа е неуспех. Прашање на време е кога целата коалиција ќе се распадне, очигледно ништо суштински не ги врзува политичките партии во таа коалиција“,
изјави денеска Филипче во одговор на новинарско прашање за време на неговото присуство на отворање на детска градинка во Општина Центар.
Тој додаде дека СДСМ се подготвува за претстојните избори и дека партијата е отворена за соработка со други политички субјекти.
„Ние во СДСМ се спремаме за претстојните избори и нашите врати се отворени и канали на комуникација, бараме партнери. Ја потврдивме коалицијата од 14 партии, заеднички почнавме да ги креираме листите за сите општини, а во однос на други партии почнува процесот на разговори“,
рече Филипче.
На прашањето дали СДСМ е подготвен за евентуални предвремени парламентарни избори, Филипче одговори потврдно.
„Да, партијата е апсолутно спремна каков и изборен циклус да дојде во наредниот период“,
додаде тој.
Во однос на излегувањето на Арбен Таравари од коалицијата ВЛЕН и случувањата во неа, како и дали СДСМ би соработувала со него, Филипче изјави дека ќе се следи развојот на настаните и дека е рано за конкретни коментари.
„Ќе видиме како ќе се движат работите и понатаму, сè уште не знаеме Арбен Таравари како ќе се однесува понатаму, дали ќе прави некакви коалиции или не, да почекаме и да видиме“,
одговори Филипче.
За евентуална коалиција со ДУИ, Филипче рече:
„Ќе разговараме со сите политички партии, меѓутоа принципите на коалиција значат дека коалиционите партнери прво треба да се почитуваат, понатаму да се целосно согласни околу програмите што ќе ги ветиме на граѓаните, односно имплементираме научени лекции од претходните коалиции што на некој начин имиџот на СДСМ го оштетија“.
Филипче не сакаше да открие имиња на кандидати за градоначалници, посочувајќи дека внатрепартиските процедури сè уште траат.
„Не е фер тоа да го правам додека траат внатрепартиските процедури. Нека завршат, во некои општини многу брзо се одвиваат и верувам дека многу скоро ќе ги знаеме кандидатите во дел од општините“,
рече претседателот на СДСМ.
Во однос на вчерашната негова изјава „нашите анкети покажуваат дека во гласовите на ВМРО-ДПМНЕ има сериозен пад, посебно во последните два месеци“ и обвинувањата од владејачката партија дека таа е измислена, Филипче рече дека станува збор за нивна голема теренска анкета која во следниот период ќе биде прикажана.
„Тоа е наша голема теренска анкета во која гледаме пад на популарноста на ВМРО-ДПМНЕ од неколку десетици илјади гласови и еден почетен тренд на раст на гласовите на СДСМ. Во следниот период ќе ја прикажеме анкетата“,
рече Филипче.
Според него, анкетата цитирана од ВМРО-ДПМНЕ пред неколку недели практично не ја одразува вистинската ситуација на теренот, а тоа вели дека е потврдено од анкета од еден целосно независен институт.
„Трендовите се очигледни и граѓаните се јасни дека оваа власт дојде со лажна патриотска кампања, едноставно ја заглави државата, а во Македонија сепак живеат луѓе што се прозападно, пролиберално ориентирани, така било сите децении наназад, ја кажаа својата порака на минатите избори. Јас со новото раководство ги имплементирам сите научени лекции и очигледно е дека постепено Македонија ќе се буди“,
додаде Филипче.