За критиките поради средбата со рускиот претседател Владимир Путин, Вучиќ оцени дека Србија е изложена на неправда. Смета дека ќе се соочи со последици за оваа посета, но, како што нагласи, очекува тие ќе бидат лични, како и оти не сака цела Србија да биде казнета
Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва и се обрати на јавноста од Москва, коментирајќи ги околностите на летот до Русија, причините за неговата посета, како и критиките што ги добил од западните земји поради патувањето.

Тој за Радио-телевизија Србија (РТС) изјави дека за Москва отпатувал по заобиколен пат бидејќи, како што рече, одредени земји одбиле да го одобрат летот.
„Вообичаено е владината авијација да најавува лет, но не можевме да поминеме низ Белорусија, бидејќи Полска не дозволува коридори. На крајот поминавме преку Бугарија, Турција и Азербејџан“,
рече тој.
Зборувајќи за посетата, рече дека со гордост присуствува на одбележувањето на Денот на победата во Москва, оценувајќи дека Србија има право на тоа поради улогата во Втората светска војна. Сепак, додаде дека посетата освен симболика има и конкретни цели.
„Тоа е важно за нас поради договорот за снабдување со гас и натамошното подобрување на односите со Русија“,
кажа Вучиќ.
За критиките поради средбата со рускиот претседател Владимир Путин, Вучиќ оцени дека Србија е изложена на неправда. Смета дека ќе се соочи со последици за оваа посета, но, како што нагласи, очекува тие ќе бидат лични, како и оти не сака цела Србија да биде казнета.
„Ќе ја земам цената на себе, но не сакам цела Србија да биде казнета“,
кажа тој.
Посочи дека однапред ги информирал европските претставници за планираното патување за Москва.
„Никого не излажав – им кажав на Фон дер Лајен, на Макрон и на Мелони“,
додаде српскиот претседател.
Според него, Србија останува на европскиот пат, но ги критикуваше оние кои се обидуваат да го претстават како пречка неговото патување во Москва.
„Ќе ме линчуваат во Албанија. Таму двајца-тројца ќе викаат и ќе ме убедат дека не можам да патувам во Европа ако се сретнам со „негативец““,
рече тој, алудирајќи на средбата со Путин.
На крајот рече дека во Москва е за да работи за интересите на Србија.