Илјадници верници собрани на плоштадот „Свети Петар“ со часови имаа поглед вперен во оџакот на капелата. Сепак, нивното чекање беше подолго од очекуваното. Црн чад од оџакот се појави повеќе од три часа по почнувањето на конклавата
Црн чад се појави вечерва во 21 часот од оџакот над Сикстинската капела, сигнализирајќи дека се одржало првото гласање на конклавата, но дека завршило без избор на нов папа, објави информативниот центар Ватикан њуз.

Илјадници верници собрани на плоштадот „Свети Петар“ со часови имаа поглед вперен во оџакот на капелата. Сепак, нивното чекање беше подолго од очекуваното. Црн чад од оџакот се појави повеќе од три часа по почнувањето на конклавата.
Со ова, се потврдија анализите на познавачите на состојбите во Католичката црква, кои тврдеа дека не може да се очекува избор на нов папа на првиот ден од конклавата.
Во 2013 година, за време на првото гласање на конклавата беше потребно помалку време да се појави црниот чад.
Сто триесет и трите кардинали што учествуваат во изборот на нов папа, сите помлади од 80 години, ќе ја поминат ноќта во ватиканските гостински куќи.
Утре рано наутро тие треба да се вратат во капелата за да одржат по два круга гласања во утринската и попладневната сесија, сѐ додека еден кандидат не добие двотретинско мнозинство, односно не добие поддршка од најмалку 89 кардинали.
Првото гласање е закажано со почеток во 9:30 часот.
Единствениот контакт на конклавата со надворешниот свет е преку чадот од оџакот, кој се создава со палење на гласачките ливчиња со специјални хемикалии.
Црн чад се создава кога гласањето завршува без резултат, а бел чад има кога ќе се избере нов папа.
Последните папски конклави траеле кратко. Конклавата во 2013 година, кога беше избран папата Франциск, траеше два дена, како и таа во 2005 година, кога мнозинство гласови доби папата Бенедикт Шеснаесетти.
Шпекулациите за тоа кој ќе го наследи Франциск беа распространети дури и пред неговата смрт.
На списокот кој брои повеќе од 20 имиња за потенцијален папа, во последните денови се појави нов кандидат. Станува збор за Роберт Превост, умерен кардинал од САД, кој според католичкиот весник „Крукс“ е познат по својата „цврста проценка и остар капацитет за слушање“.
Според некои проценки, Превост го презел фокусот од друг умерен фаворит за папа, државниот секретар на Ватикан, Пјетро Паролин, кој се смета за одличен дипломат.
Друг фаворит е Луис Антонио Тагле, реформатор од Филипините со прекар „Азискиот Франциск“. Но, заедно со Паролин, тој е критикуван за лошо справување со случаите на сексуална злоупотреба на деца од страна на свештеници.
Заедно со Тагле, други во прогресивниот табор се италијанските кардинали Матео Ѕупи и Пјербатиста Пицабала, борец за мир кој со години живее во Ерусалим, како и Жан-Клод Холерих од Луксембург, Тимоти Радклиф од Велика Британија и Мајкл Черни од Канада.
Од конзервативците меѓу кардиналите, како фаворит се издвојува името на Унгарецот Петер Ердо и на кардиналот од Гвинеја, Роберт Сара, кој беше критичар на папството на Франциск. Иако не се на листата фаворити, меѓу оние кои лобираат за конзервативен наследник на Франциск се американскиот бискуп Рејмонд Бурк, кој го поддржува Доналд Трамп, и Герхард Милер, Германец кој предупреди дека црквата може да се подели ако не се избере ортодоксен папа.